Пандемијата продолжува да поставува предизвици, но докажавме дека можеме да се приспособиме и уверени сме дека можеме да испорачаме рекордни 22 трки годинава и покрај пандемијата, рече претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали
Формула 1 годинава ќе има 22 трки, по ревидирањето на распоредот на трките за остатокот од сезоната, пишува „Скај спорт“. Додека Ф1 продолжува да се снаоѓа низ предизвиците поставени од пандемијата на ковид-19 низ целиот свет, овој спорт се откажа од повеќе датуми по неодамнешните откажувања на трките во Јапонија и во Австралија.
Иако сезоната сега ќе има една трка помалку од првично планираното, сезоната со 22 трки останува рекордна за Ф1. Според најновиот календар за 2021 година, трката во Турција се поместува за една недела подоцна, до 10 октомври, таа во Мексико една недела подоцна, на 7 ноември, а трката на 21 ноември, најверојатно во Катар, треба да биде потврдена во наредните недели, пишува „Скај спорт“.
– Многу сме задоволни да објавиме ажурирање на календарот за 2021 година по обемните дискусии со промоторите и со националните власти. Пандемијата продолжува да поставува предизвици, но докажавме дека можеме да се приспособиме и уверени сме дека можеме да испорачаме рекордни 22 трки годинава и покрај пандемијата – рече претседателот на Ф1, Стефано Доменикали.