Нико Секулов во долгата играчка кариера со успех ги бранеше боите на три популарни македонски клуба, Беласица, Вардар и Тетекс. Даваше голови од невозможни позиции, а промашуваше зицери! Започна во Тиверија, која беше расадник на таленти и прва станица на патот кон Беласица

Не треба многу да се зборува за тоа какви фудбалери даде и сѐ уште дава струмичкото поднебје. На времето, пред многу години, Тиверија и Беласица беа вистински расадник на фудбалери, кои потоа кариерата ја продолжуваа во поголеми клубови, а некои заминуваа и во странство. Примери за тоа има многу, голманот Благој Истатов прв го скрши мразот и стана интернационалец, за потоа уште еден струмички голман, Благоја Георѓиев, да заигра надвор од границите на нашата земја. Меѓутоа, многу беше поголем бројот на оние фудбалери што остануваа да играат на домашен терен, особено во минатото во поранешна Југославија, кога Беласица честопати се натпреваруваше и во второлигашка конкуренција. Многу фудбалери што почетната афирмација ја стекнаа во Беласица, потоа настапуваа и за други квалитетни македонски клубови. Во таа група се Дрвошанов, Митев, Семенков, Рингов и уште неколкумина, кои оставија печат во струмичкиот, но и во македонскиот фудбал.
Генерациите доаѓаа и минуваа, па, така, дојде и времето на Горан Пандев, кој во новиот век е најголемиот репрезент на македонскиот фудбал и вистинска ѕвезда во италијанското „Калчо“, во кое цели 20 години ги воодушевува фудбалските навивачи, не само на Апенините туку и во Европа. Годините за него не се пречка и понатаму да биде актуелен, а беше и главната алка во македонската репрезентација, која првпат избори пласман во завршницата на Европското првенство. Кога зборуваме за него, не треба да го заборавиме и Стојков, со кого заедно тргнаа да ја градат својата кариера во Италија. Но, за разлика од него, Пандев отиде многу подалеку и, меѓу другите успеси, со Интер стигна и до европската титула.
Сите овие имиња најдобро зборуваат за тоа какви таленти му подари на фудбалот струмичкото поднебје. Овој пат ќе се задржам на кариерата на еден своевремено голем голгетер, од кого стравуваа сите голмани. Тоа е Никола Секулов, кој во фудбалската јавност е познат како Нико и кој имаше интересна кариера, исполнета со многу голови.

ТИВЕРИЈА – ПОЧЕТНА СТАНИЦА

Како и за многу други струмички фудбалери, така и за Секулов, Тиверија беше првиот клуб за кој заигра и веднаш со своите квалитетни игри, а особено со голгетерските способности, го привлече вниманието кон себе.
– Во Тиверија, која е за една или две години помлада од Беласица, формирана на почетокот од 20-тите години на минатиот век, беа моите први фудбалски чекори. Фудбал играв уште од најраното детство, на улица, во училишни дворови, во парк, на полјанки, со еден збор насекаде. Но првото зачекорување во еден клуб ми беше во Тиверија. Овде почнав со организирани тренинзи на 15-годишна возраст, за по две години да минам во Беласица. За нас, младите струмичани, доаѓањето во Беласица беше како да си го „освоил“ светот. Она најубавото што можеше да му се случи на секој млад струмички фудбалер беше да добие понуда да заигра за најпопуларниот градски клуб. Бев возбуден, но и подготвен да минам низ сите искушенија, само да се докажам и да покажам оти стручните луѓе на Беласица не погрешиле што ме довеле во нивната средина – вели Секулов.
За разлика од Тиверија, во која стандардно играше, во Беласица Секулов мораше да чека. Тука мораше да се пробие во една силна конкуренција, која ја сочинуваа прекалени фудбалски асови, како Пандазиев, Ашиков, Дрвошанов, Митрев, Џидалов, Ќучуков, за да го облече дресот на првиот тим.
– Во 1969 година, откако дојдов во Беласица, не добив веднаш шанса да заиграм. Бев свесен дека ќе се случи тоа, оти во тимот имаше плејада квалитетни и искусни играчи што со години ги бранеа боите на клубот. Но трпеливо чекав, бев млад и си велев дека има време за мене. Тогаш бев задоволен што бев со првиот тим, што патував со нив, што бев дел од популарната Беласица. Воопшто не бев загрижен што сум резерва, знаев дека ќе дојде и моето време. Конечно дојде и тој момент, кога на еден натпревар тренерот Јордан Николов се сврте кон мене и ми рече: „Мали, подготви се да влезеш во игра“. Тогаш почувствував голема радост, но во истиот момент ме обзеде и страв, како да понесов некој голем товар, оти си мислев што ќе биде ако не одиграм добро и се „загубам“ на теренот. Но по влегувањето во игра оваа трема мина, се растрчав по теренот за да се докажам, па, така, во еден момент имав и среќа. Топката беше нафрлена пред противничкиот гол, на неа тргнавме јас и Џидалов, јас бев за миг побрз, ја зафатив и таа заврши во мрежата. На радоста ѝ немаше крај, сите фудбалери дотрчаа до мене, ме прегрнаа за да ми го честитаат дебитантскиот гол. Тогаш почувствува дека сум сторил нешто големо. Оттогаш бев стандарден првотимец, а за моите константно добри игри заслуга имаа постарите соиграчи, кои секогаш ми даваа максимална поддршка. Но не беше таков примерот само со мене, туку со секој млад играч што ќе го облечеше дресот на првиот тим. Токму таа поддршка ме охрабруваше и уште повеќе ме мотивираше – се присетува Секулов на тие фудбалски почетоци во Беласица.

НАЈГОЛЕМОТО ПРОМАШУВАЊЕ

Од тие моменти во 1969 година на минатиот век почнува вистинската фудбалска кариера на Нико Секулов. Во Струмица сѐ почесто се зборуваше за неговите игри и голови. Сите фудбалски љубители беа среќни што Беласица доби вистински голгетер.
– Сето ова беше добро и ми импонираше, но се случуваше некогаш да промашам и чист зицер, кој ги разлутуваше верните навивачи на Беласица. Ние, голгетерите, често се случуваше да промашиме и тогаш кога ќе се најдеме во идеална позиција за гол. Се сеќавам на моето најголемо промашување, и тоа против секогаш инспиративниот Пелистер. Тогаш на стадионот под Тумбе Кафе, само од еден метар, не успеав да ја затресам мрежата! Ова промашување потоа ме „јадеше“ цело време. Трчав, правев сѐ да дојдам во нова позиција за гол, но не успевав. За среќа, Тасев во финишот постигна гол и така мечот заврши 1-1. Ми падна камен од срцето. Ако не беше овој гол на Тасев, ќе бев главниот виновник за поразот. Подоцна имаше и други промашувања, но сите тие се „покриваа“ со некој погодок постигнат од невозможна позиција. Што да кажам, таква е судбината на голгетерите, ние сме непредвидливи и затоа противничките одбрани стравуваат од нас – констатира Секулов.
Трчањето не му беше силна страна на Нико, но затоа, пак, при спринт кон голот, секогаш беше опасен. Сите очекуваа да се случи нешто. Многу често тој спринт не беше залуден, туку завршуваше со гол. Токму ваквиот начин на игра беше она што ги воодушевуваше гледачите, па многумина од нив знаеја да кажат дека Нико Секулов е „струмичкиот Галиќ“. Ваквата споредба, која често беше пласирана и од новинарите, нему му годеше и тој се чувствуваше гордо што го споредуваат со големиот стрелец, познатиот фудбалер на белградски Партизан и на југословенската репрезентација, Милан Галиќ.
– За еден млад фудбалер да го споредуваат со фудбалскиот идол на целата нација, беше голема работа. Сето тоа, пак, уште повеќе ме мотивираше и на секој натпревар се трудев да го дадам максимумот и евентуално да постигнам гол – вели Секулов.

ПРЕСЕЛБА ВО ВАРДАР

Желба на секој фудбалер кога ја почнуваше својата кариера беше да оди во најпопуларниот македонски клуб Вардар. Нормално, таа желба беше присутна и кај Секулов, кој не чекаше многу за да добие понуда од скопскиот клуб. Неговите добри игри, а особено головите, беа сигнал за тренерите на Вардар. Откако го привлече вниманието, по три сезони минати во Беласица, тој во 1973 година се пресели во Скопје.
– Ми се чини дека голема заслуга за моето доаѓање во Вардар имаше и претседателот на клубот Блажо Ристоманов, кој беше по потекло од Струмица. Веројатно и тој сакаше во скопскиот прволигаш да има фудбалери и од неговиот крај. Брзо дојде до договор и во летото 1973 година почнав да тренирам во Вардар. На почетокот ми беше многу напорно, се тренираше по двапати на ден, па, така, остануваше малку време за одмор. Бев сместен во хотелот „Турист“, во центарот на градот, така што не ми претставуваше проблем брзо да стигнам до Градскиот стадион. Овде тренер ми беше Часлав Божиновски, а со првиот тим работеа уште двајца прославени вардарови фудбалери, Андон Дончевски и Петар Шулинчевски. Бев задоволен што дојдов во нивни раце, оти тие не само за мене, туку за сета македонска фудбалска јавност беа вистински вардарови легенди. Да се работи со нив беше чест за секој фудбалер – нагласува Секулов.
За деновите минати во Вардар, како и за убавите мигови во Тетекс, ќе читате идната недела. Тогаш ќе се потсетиме на головите постигнати за Вардар, како и на струмичката „тројка“ во Тетекс, клуб што во вистинска смисла на зборот беше поранешна Југославија во мало.


Никола Секулов

Роден: 1952 година во Струмица
Клубови: Тиверија, Беласица, Вардар, Тетекс
Успеси: шампионска титула во МФЛ и влегување со Беласица во Втората југословенска лига, стрелец на многу решавачки голови за Вардар, Беласица и за Тетекс