Задоволен сум од резултатот и од изведбата на подготвените кати. Уште повеќе ме радува фактот што одамна немало турнир каде што може да се види она што го тренираме секојдневно, вели големата надеж на македонското карате Неделковски

КАРАТЕ-ТУРНИР ВО ПЛЕВЕН

Членот на карате-клубот Металург, Александар Неделковски го освои првото место во кати на меѓународниот турнир „Куп Плевен 2020“ во Бугарија. Неделковски, кој е актуелен сениорски првак и репрезентативец на Македонија за годинава, а беше петти на Светското јуниорско првенство (СП) во Чиле минатата година, до златниот медал дојде по двете одлично изведени кати во конкуренција на шест натпреварувачи.
На турнирот, кој се одржа без публика, а судиите и тренерите носеа заштитни маски поради протоколите во услови на пандемија на коронавирусот, настапи и уште еден член на Металург, Филип Несторовски (во борби), кој го освои петтото место.

– Задоволен сум како од постигнатиот резултат, така и од изведбата на подготвените кати. Уште повеќе ме радува фактот што одамна немало турнир каде што може да се види она што го тренираме секојдневно. Сепак, тренирањето во услови на карантин и учеството на турнирски натпревари не е исто. Засега нема најави за некои други турнири каде што би можел да настапам, поради пандемијата на коронавирусот – вели големата надеж на македонското карате Неделковски.
Каратистите на Металург заминаа во Бугарија откако претходно направија задолжителен корона-тест.