Нирмал Пурџа веќе се искачи на 11 од 14-те врва, од над 8.000 метри височина, а последните три планира да ги докомплетира до 1 ноември, сѐ вкупно во период од седум месеци
Поранешниот војник, Непалецот Нирмал Нимс Пурџа, постави светски рекорд со успешното искачување на 11-те (од вкупно 14) највисоки врвови во светот над 8.000 метри, за малку повеќе од четири месеци. Пурџа (35) успешно ја реализира втората фаза од амбициозниот план за искачување на 14-те највисоки врвови за само седум месеци. Пред неколку дена тој се искачи на Броад Пик, 11-от врв, завршувајќи ја втората фаза од мисијата „(Не)возможен проект“, според официјалните лица на базниот камп.
Пред искачувањето на Броад Пик, Нимс се искачи на К2, на 24 јули, на Гашербрум 2 на 18 јули, на Гашербрум 1 на 15 јули и на Нанга Парбат на 3 јули.
Тој ја почна својата „Мисија 14/7“ кон крајот на март. Првиот врв на кој се искачи беше Анапурна, на 23 април. Последната, трета фаза од „(Не)возможниот проект“ на Пурџа ќе почне во септември и ќе трае до ноември, со плановите за искачување на преостанатите три врва од над 8.000 метри, Манаслу, Чо Оју и Шишапангма.
Прв на 14-те највисоки врва се искачи Италијанецот Рајнхолд Меснер, во периодот од 1970 до 1986 година. Во 1987 година, Полјакот Јиржи Кукучка втор ги комплетира 14-те највисоки врвови за тогаш рекордни седум години, 11 месеци и 14 дена. Тој рекорд опстојуваше 27 години, до 2014-та кога Кореецот Ким Чанг-хо го подобри за еден месец и осум дена (вкупно седум години, 10 месеци и шест дена).
Пурџа рече дека Гашербрум бил исклучително тежок за искачување.
– Тргнавме директно од Асколи до базниот логор за три дена и веднаш почнавме да се искачуваме. Бевме уморни од патот, носевме толку многу опрема – рече тој.
Во рок од 10 часа од искачувањето на К2, тој се упатил кон Броад Пик.
– Двата врва ги искачив за 48 часа. Искачувањето на К2 беше најтешко. Презедовме многу ризици и бевме наградени. Многумина се откажаа од К2 затоа што не можеа да фиксираат јажиња над Ботл Нек каде што има доста лавини и стрмни делови – рече Пурџа додавајќи дека користел кислород.
Секретарот на Алпскиот клуб на Пакистан, Карар Хаидри, изјави дека годинава на К2 се искачиле 31 планинар, меѓу кои деветмина биле без боци со кислород.
– Непалските планинари не се само добри планинари, туку и обучени алпинисти. Да не ја отвореа трасата и да не ги фиксираа јажињата, другите немаше да се искачат на К2. Нирмал Пурџа постави светски рекорд според брзината на искачувањето – изјави Хаидри.