Американскиот шахист го надмина за 66 дена рекордот стар 19 години

Шах

Абхимани Мишра, 12-годишното момче од Инглиштаун, Њу Џерси (САД), стана најмладиот велемајстор (ВМ) во историјата на шахот, соборувајќи го рекордот што претходно го држеше рускиот ВМ Сергеј Карјакин поставен во 2002 година.
Со 12 години, четири месеци и 25 дена, Мишра ја освои и последната, трета норма за ВМ на 30 јуни, на коло пред крајот на турнир во Будимпешта (води со седум поени од девет партии, вториот има 6,5 поени), а го исполни и последниот услов, а тоа е да има рејтинг од барем 2.500 поени. Карјакин ја освои титулата ВМ на 12 години и седум месеци, што значи дека Мишра е подобар од него за 66 дена.
Ова не е и првиот рекорд на Мишра. Тој беше најмлад шаховски мајстор во историјата на САД (на возраст од девет години и два месеца), како и најмлад интернационален мајстор досега (со 10 години, девет месеци и три дена), соборувајќи го претходниот рекорд, на Индиецот Рамешбабу Прагнананда за 17 дена.
На третото место на листата најмлади ВМ во историјата на шахот е Индиецот Гукеш Домарају (12 години, седум месеци и 17 дена), четврти е Узбекистанецот Јавохир Синдаров (12 години, 10 месеци и пет дена), а петти Прагнананда (12 години, 10 месеци, 13 дена). Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, е на осмото место (ВМ на 13 години, четири месеци и 27 дена).


НАЈМЛАДИ ВЕЛЕМАЈСТОРИ

ШАХИСТ                                         ВОЗРАСТ
Абхимани Мишра                            12-4-25
Сергеј Карјакин                              12-7-0
Гукеш Домарају                              12-7-17
Јавохир Синдаров                           12-10-5
Рамешбабу Прагнананда                 12-10-13

во колоната за возраст бројките се години, месеци и денови