Македонската машка шаховска репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та), го доживеа третиот, втор во низа, а прв пораз со максимални 0-4 на 43. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, во конкуренција на 185 селекции. Во рамките на 7-то коло првата селекцијата на домаќинот, Грузија (2.637 просечен рејтинг, рангирана 14-та), славеше со 4-0, што се чини, е сепак превисок пораз, по оној во минатото коло од Ерменија (0,5-3,5).
На првата табла ВМ Кирил Георгиев го доживеа првиот пораз во Батуми против искусниот Бадур Јобава, во партија во која и двајцата ривали извадија нови кралици, но при разврската црниот крал се најде во матна мрежа. На втората табла ИМ Филип Панчевски загуби од бугарскиот ВМ Иван Чепаринов (настапува за Грузија, поради суспензија на ШФБ), откако не успеа да се справи против црниот Д-пиун кој продре на вториот ред. На третата табла ВМ Трајко Недев не одигра најпрецизно во средишницата, па противникот остана со два врзани слободни пиуна на Б и Ц-линијта и на четвртата табла младиот ИМ Никола Николовски не можеше ништо да стори откако дојде во звршница на ловец против топ.
Женската шаховска репрезентација пак, (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ма), во ова коло одигра за првпат нерешено во Батуми, против селекцијата на Велс (1.949 просечен рејтинг, рангирн 71-ви). На првата табла Бојана Бејатовиќ во еднаква позиција го подели поенот. На втората табла ЖФМ Моника Стојковска, славеше откако по добиенат разврска остана со слободен пиун н А-линијата. ЖИМ Габриела Коскоска на третата табла ремизираше во реална позиција на реми иако имаше топ против ловец и со по еден пиун. И на четвртата табла Катерина Петровска загуби, откако во средишницата превиде топ за ловец.
По 7-то коло (од предвидените 11), мажите со четири победи и три порази, моментно имаат осум бода (16 поени по табли) и се на 56-то место, додека шахистките со вкупно седум бода (16 поени по табли), останаа се на 69-то место. Утре, во 8-то коло, Македонците ќе играат против Канада (рангирана 28-ма), а Македонките против Данска (рангирана 49-та). Кај мажите водат Азербејџан, Полска и САД со по 13 бода, а кај шахистките Ерменија со 13 бода, а ја следат Кина, Украина, Грузија и Романија со 12 бода. Г.И.
ГРУЗИЈА (1) – МАКЕДОНИЈА 4-0
ВМ Бадур (2.634) – ВМ К. Георгиев (2.590) 1-0 (80. потег)
ВМ Чепринов (2.715) – ВМ Панчевски (2.489) 1-0 (46)
ВМ Пантшулаиа (2.589) – ВМ Недев (2.496) 1-0 (33)
ВМ Јоџуа (2.590) – ИМ Николовски (2.388) 1-0 (60)
ВЕЛС – МАКЕДОНИЈА 2-2
ЖФМ Ричмонд (2.013) – Бејатовиќ (2.057) реми (36)
ЖФМ Смит (2.013) – ЖФМ Стојковска (2.106) 0-1 (58)
ЖКМ В. Сиварајасингам (1.771) – ЖИМ Коскоска (2.026) реми (65)
ЖКМ С. Сиварајасингам (1.788) – Петровска (1.966) 1-0 (49)
ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ – МАЖИ
Полска – Азербејџан 2-2
Хрватска – САД 1-3
Украина – Кина 2-2
Германија – Холандија 2-2
Чешка – Израел 2-2
Белорусија – Ерменија 1-3
Индија – Египет 2,5-1,5
ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ – ЖЕНИ
Ерменија – САД 2,5-1,5
Кина – Холандија 3-1
Иран – Украина 1,5-2,5
Италија – Азербејџан 2-2
Романија – Узбекистан 2.5-1,5
Индија – Грузија (1) 2-2