Македонската машка шаховска репрезентација, одигра 2-2 против соодветната селекција на Хрватска во 2-то коло на Европското екипно првенство (ЕП) за слепи и слабовидни шахисти, што во девет кола се игра во романското место Камчулата. Хрватите (просечен рејтинг 1.853 поени, рангирани 12-ти), славеа на првите две табли, а Македонците (просечен рејтинг 1.972 поени, рангирани 9-ти) на третата и четвртата.

Санде Атанасов (1.950) со бели фигури загуби од Хинко Гајзлер (2.116), ФМ Владимир Тркаљанов (2.129) беше поразен од Бранко Беган (1.824), Жарко Селковски (1.941) го совлада Милан Прпиќ (1.806), додека на четвртата табла Зоран Костадиновски (1.863) беше поуспешен од Ловро Пергар (1.404).

Во 3-то коло, кое почна попладнево, Македонија игра против репрезентацијата на Словенија, која овде е рангирана 11-та (1.905). Селекторот, ВМ Трајко Недев реши да го одмори Тркаљанов, а во составот се врати Зејно Бајрами. По две кола Македонија е на 14-то место со 1 бод (2 поена по табли), додека води Украина со максимални 4 бода (8 по табли), пред Русија исто така со 4 (6,5), Србија, Полска (2), Германија, сите имаат по 3 итн.

На ЕП играат 15 репрезентации (Полска и Романија со по две селекции), а прв фаворит е втората репрезентација на Полска (2.284), пред Русија (2.282) и Украина (2.250). Поединечно прворангиран е ВМ од Полска (2) Марчин Табзир (2.529), додека од Македонците Тркаљанов е на рангиран 19-ти од 70 пријавени шахисти. Г.И.

РЕЗУЛТАТИ 2. коло

Полска – Србија 2-2

Шпанија – Русија 1.5-2,5

Украина – Холандија 4-0

Романија (1) – Германија 1,5-2,5

Македонија – Хрватска 2-2

Унгарија – Полска 0-4

Словенија – Бугарија 3-1

Романија (2) беше слободна