На Светските училишни спортски игри од 11 до 19 септември во Белград ќе учествуваат 2.500 деца (машки и женски) од 43 земји и ќе се натпреваруваат во 14 спорта

НА ПРВАТА ШКОЛАРИЈАДА ВО БЕЛГРАД

Првпат во историјата на училишниот спорт, учениците од основните училишта од целиот свет ќе бидат на едно место, во Белград (од 11 до 19 септември), каде што ќе се одржи првата Школаријада (Светски училишни спортски игри), на која ќе учествуваат 2.500 деца (машки и женски) од 43 земји и ќе се натпреваруваат во 14 спорта. Она што се олимписките игри за најдобрите спортисти во светот, тоа ќе биде Школаријадата за учениците од основните училишта.
– Ова натпреварување ќе биде посебно затоа што конечно помладите ученици ќе имаат можност да се натпреваруваат на меѓународно ниво, но и да се сретнат и да се дружат со своите врсници од целиот свет. Годината 2020 ќе биде запаметена како една од најлошите години во историјата поради коронавирусот, поради кој многу од спортските настани беа откажани или одложени, па затоа наша главна цел е секој учесник да се чувствува безбедно и да се врати дома задоволен, со најдобри искуства и спомени – изјави Жељко Танасковиќ, претседател на Здружението за училиштен спорт на Србија.
Учесниците на првите училишни игри ќе се натпреваруваат во атлетика, бадминтон, кошарка, кошарка 3х3, шах, фудбал, џудо, карате, ориентации, пливање, пинг-понг, таеквондо, борење и во одбојка.
На првата Школаријада, Македонија ќе учествува со 26 спортисти (родени во 2006 година и помлади) ,кои ќе се натпреваруваат во три спорта, и тоа во атлетика (женски), кошарка (машки) и во одбојка (женски).

– Клучно за Светската федерација за училиштен спорт (ИСФ) е Игрите да им се допаднат на младите ученици, бидејќи е исклучително важно да им се помогне да воспостават здрав начин на живот уште од најрана возраст, да развијат и стекнат лидерски вештини, да се соочат со конкуренција, а, исто така, и да добијат подобро разбирање за светот – изјави претседателот на Светската федерација за училиштен спорт, Французинот Лоран Петринка.
Повеќето од мечевите ќе се играат во Белград, а натпреварите во ориентација ќе бидат на Космај, во атлетика во Сремска Митровица, а карате во Панчево. Во согласност со одлуките на кризниот штаб и одредбите на Владата на Република Србија, сите учесници ќе треба да имаат негативен ПЦР-тест при влез во земјата, кој не смее да биде постар од 48 часа.