Македонија со 21 претставник (девет девојчиња и 12 момчиња), од утре до недела, ќе настапи на Европското шаховско првенство (ЕП) за млади во забрзан шах преку интернет, во возрасните категории до 12, 14, 16 и до 18 години, а под покровителство на Европската шаховска унија (ЕЦУ).
Имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата и неможноста за организирање меѓународни турнири со голем број учесници, ЕЦУ се обидува да го задржи интересот за шахот кај најмладите и да обезбеди алтернативни начини на организирање големи натпреварувања. Иако се игра преку интернет, за да се гарантира фер игра, учесниците од секоја држава ќе бидат сместени во сали и ќе бидат надгледувани од судии и од камери. На ЕП ќе учествуваат над 700 млади шахисти од 40 земји.
Во сите категории се игра индивидуално, при што ќе има победници по категории. Најдобрите четири збирни резултати (играчи во категорија со највисоко постигнати резултат), пак, ќе го одредуваат и екипниот пласман кај момчињата и кај девојчињата.
– Првпат се организира Европско интернет-првенство по старосни категории. Поради актуелната ситуација, мислам дека ова е добра замена и можност децата да останат фокусирани и посветени на саканата игра.
Затоа, според мене, резултатот не е во прв план, туку ЕП го гледам како еден појак тренинг. Им посакувам на сите македонски претставници да покажат максимум и да се пласираат што е можно подобро – вели професионалниот шаховски тренер ИМ Орце Данчевски.