Првенството го организираме со цел, кога во светот речиси сите спортови се прекинати или одложени, шахот да продолжи да се игра преку интернет, но и да се актуализира и да му се даде дополнителна вредност на шаховски живот во Македонија, вели Стојчевски, главен судија и администратор на првенството планирано за 24 мај
Во Македонија првпат ќе се организира Отворено државно првенство во брз шах преку интернет. Закажано е за 24 мај, со почеток во 19 часот, а победникот ќе биде познат по 15 одиграни кола според швајцарски систем, вели претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Благоја Богоевски.
Најдобриот наедно ќе биде и првиот шампион на Македонија во брз шах (се игра со време за размислување од три минути, плус две секунди по секој одигран потег по играч) преку интернет. Интересот е голем, па се очекува да настапат приближно 100 шахисти. Главен судија и администратор на првенството, кој сето тоа будно ќе го следи, е ФМ Зоран Стојчевски.
– Првенството го организираме со цел, кога во светот речиси сите спортови се прекинати или одложени поради пандемијата на коронавирусот, шахот да продолжи да се игра преку интернет, но истовремено да се актуализира и да му се даде дополнителна вредност на шаховски живот во Македонија. Точно е дека повеќе држави веќе направија вакви првенства, со некои и се консултиравме по ова прашање, но она по што ние се разликуваме од нив е тоа што сме први што, покрај пехар, ќе доделиме и парични награди. Очекувам првенството во иднина да стане традиционално – вели Стојчевски.
На првенството може да играат само македонски шахисти и притоа да имаат регистриран играчки код во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Котизација нема да се наплаќа.
– Не е едноставно да се организира сето ова, но платформата на интернет-страницата „Чес“, преку која ќе се реализира турнирот, овозможува добра контрола на партиите, потврда на идентитетот на играчот, како и евентуално несакано користење недозволени средства, т.н. „компјутерски машини“, Направивме тренинг-турнир на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и тој беше успешен. Во меѓувреме ќе направиме уште еден пробен, а по овој турнир планираме да организираме и Младинско првенство на Македонија со викенд-темпо (двапати по 10 минути, плус пет секунди – н.з.) – вели Стојчевски.
Вкупниот награден фонд на првенството изнесува 60.000 денари, од тоа победникот ќе добие 9.000 денари и пехар, второпласираниот 7.000, третопласираниот 5.000, четвртопласираниот 3.000 денари, а ќе има и осум специјални награди во износ од по 3.000 денари (најдобар сениор, шахистка, младинец до 16 и до 12 години, најдобри со рејтинг до 1.600, 1.800, 2.000 и до 2.200 поени).