Претходно олимписки медали освоија Благоја Видиниќ, Благоја Георгиевски, Аце Русевски, Шабан Сејдиу, Шабан Трстена, Реџеп Реџеповски, Азис Салиху, Милко Ѓуровски, Стојна Вангеловска и Могамед Ибрагимов
Дејан Георгиевски е 11-от спортист од Македонија што освојува медал на Летни олимписки игри (ЛОИ), а таеквондото е петтиот спорт со медал од ЛОИ (претходно медали беа освојувани во борење слободен стил, бокс, фудбал и во кошарка). Македонија сега има вкупно 14 медали од ЛОИ.
Низата медали ја почна голманот Благоја Видиниќ, кој прво освои сребро во 1956 година на Игрите во Мелбурн, а четири години потоа и злато во Рим со фудбалската репрезентација на некогашна СФР Југославија. По ова следуваа среброто на Благоја Георгиевски во кошарка и бронзата на Аце Русевски во бокс во Монтреал во 1976 година. Во 1980 година во Москва, Шабан Сејдиу освои бронза во борење, а истиот успех го оствари и во Лос Анџелес на ЛОИ 1984, каде што злато освои Шабан Трстена во борење, сребро Реџеп Реџеповски во бокс, а бронзи освоија уште и Азис Салиху во бокс и Милко Ѓуровски во фудбал. На ЛОИ во 1988 година, Трстена освои сребрен медал, а сребро освои и Стојна Вангеловска во кошарка.
По осамостојувањето, за Македонија првиот олимписки медал, бронзен, го освои Могамед Ибрагимов, во борење на Игрите во Сиднеј 2000 година. По настапот и освоениот медал на Георгиевски, во Токио следуваат настапите уште и на Миа Блажевска-Еминова, денеска во пливање (100 м слободно), на Јован Стојоски, в сабота во атлетика (400 м), на Пулексенија Јованоска во карате (кати) на 5 август и следниот ден на бронзениот од Светското првенство во борење, 2019 година, Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг), кој на ЛОИ 2020 во Токио се пласира со А-норма, како и Георгиевски.
Профил на сребрениот олимпиец
Студентот на Факултетот за туризам и менаџмент, кој сака и пливање, дружење со пријателите, филмови, книги…, најавуваше дека ќе освои медал, што многу кажува за неговата ментална цврстина, за оптимизмот и за вербата во своите способности
Новиот носител на олимписки медал од Македонија, Дејан Георгиевски, надвор од спортските борилишта е студент на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје. Иако пливањето не е дел од неговата тренажна програма во таеквондо-клубот Бутел, честопати оди на базен затоа што, како што вели, тоа го релаксира. Во слободното време, како и сите млади луѓе, се дружи и излегува со пријателите, а сака да погледне некој добар филм и да прочита некоја книга.
– Но што и да правам, рано се враќам дома, најдоцна до 21 часот, рано си легнувам за да бидам подготвен за обврските што ме очекуваат следниот ден. Сонувам како освојувам медал на олимписки игри – изјави во една пригода Георгиевски за дневниот весник „Нова Македонија“.
Георгиевски најавуваше дека ќе освои медал во Токио уште пред две години, што многу кажува за неговата ментална цврстина, за оптимизмот и за вербата во своите способности.
– Верувам дека ќе бидам дел од ЛОИ и оттаму ќе се вратам со медал иако конкуренцијата таму е многу силна, а патот дотаму особено тежок, уште повеќе ако се знае дека на ЛОИ ќе има четири тежински категории, со по 16 натпреварувачи – рече Георгиевски во 2019 година.
Богоевски: Си го одржа зборот
Дејан Георгиевски беше одличен, нѐ израдува сите, ја израдува цела Македонија. Тој пред почетокот на Олимписките игри рече дека во Токио ќе оди да освои медал и, ете, си го одржа зборот. Честитки до него, тој не го загуби златниот, туку сосема заслужено го освои сребрениот медал, ни изјави Владимир Богоевски, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и шеф на македонската делегација во Токио.
МОК: Дејан, горди сме на тебе, горди сме што живееме во
твојата олимписка ера
Македонскиот народ мора да се гордее со Дејан, новиот спортски херој, кој во Скопје ќе слета на 29 јули, во 14 часот, и веруваме дека ќе има пречек каков што заслужува олимписки шампион
Дејан Георгиевски, новиот македонски херој, е освојувач на сребрен олимписки медал на Игрите во Токио 2020. Тоа е најголемиот олимписки и спортски успех во македонската спортска историја, од независноста на нашата држава. Честитки и за тренерот на Дејан, Борче Костовски, кој извонредно ја постави тактиката на Дејан за да стигне до финалето. Македонскиот народ мора да се гордее со Дејан, новиот спортски херој, кој во Скопје ќе слета на 29 јули, во 14 часот, и веруваме дека ќе има пречек каков што заслужува олимписки шампион!
Браво Дејан! Браво Борче! Браво Дарко! Браво за сите од македонското таеквондо-семејство! Радувајте се Македонци! Златното момче Македонче се подготвува за Олимписките игри во 2024-та во Париз и за уште многу други спортски предизвици, за нови радости и за уште многу олимписки, светски и европски медали. Дејан, горди сме на тебе, горди сме што живееме во твојата олимписка ера, стои во објавата на Македонскиот олимписки комитет (МОК) на нивната официјална фејсбук-страница.
Пендаровски: Дејан, ти си нашиот олимписки херој
По освојувањето на сребрениот медал на Дејан Георгиевски на Летните олимписки игри во Токио, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, испрати порака до Георгиевски: „Сребрениот медал е вреден како златен. Дејан, ти си нашиот олимписки херој, твојот успех е историски за Северна Македонија“.
ВКУПНО 14 МЕДАЛИ
златни 2
сребрени 6
бронзени 6