Според специјализираните интернет-страници за ранг-листа во живо, Ѓорческа од денеска би требало да скокне и во поединечна и во конкуренција на двојки на листата на ВТА
Лина Ѓорческа (24) се закити со нов трофеј во игра на двојки, откако победи на тенискиот турнир во Минск (Белорусија), во саботата. Таа и Русинката Анастасија Комардина славеа во финалето, во мечот со вторите носителки, Белорусинките Илона Кремен и Ирина Шиманович, со 2-1 во сетови (6-7, 6-4 и 10-8).
За македонската тенисерка ова беше 38. титула во двојки (втора годинава, бидејќи победи и во Есен, Германија, исто така, со Комардина), а има и девет во поединечна конкуренција.
Ѓорческа настапи и на турнирот во поединечна конкуренција (награден фонд 25.000 долари) во Минск, каде што загуби во првото коло. Според специјализираните интернет-страници за формирање ранг-листа во живо, Ѓорческа од денеска би требало да биде на 387-то место во поединечна конкуренција (на минатото рангирање беше 424-та) и на 547-та позиција во двојки (на 568-то место претходно) на ВТА-листата.