Викендов ќе се одржи традиционалното летно искачување на највисокиот врв на Шара, Титов Врв, во организација на планинарските клубови Тетекс и Јелак. Тргнувањето е закажано за во недела 26 август од 7 часот пред платото на хотелот Попова Шапка на Попова Шапка.
-Патеката е стандардна до Титов врв, односно Вакуфаска патека. Тоа е добро обележана и маркирана, сигурна и безбедна патека со водичи од двете друштва. Од Попова Шапка до Титов врв предвидуваме движење од 3,5 до 4 часа, а по краток престој на Титов врв одиме назад околу пладне изјави Борис Стојаноски од планианрскиот клуб Јелак.
-Учесниците на овој планинарски поход ќе имаат можност да уживаат во прекрасните убавини на Шар Планина на температури пониски за десеттина степени од градот – вели Снежана Новаковска од ПК Тетекс.
Организаторите препорачуваат сите учесници да имаат обувки соодветно на влажните и лизгави услови, планинарски стапчиња и опрема за дожд и ветер бидејќи условите на планина, а посебно на врв се менуваат од час во час.