Кубацки е третиот полски скијач скокач победник на престижниот натпревар „Четири скокалници“, по Малиш (2001 година) и Штох (2017 и 2018)
Полјакот Давид Кубацки е победник на 68-то издание на престижната новогодишна турнеја во скијачки скокови „Четири скокалници“. Кубацки (29), кој победи на последниот натпревар во австрискиот Бишофшофен, а беше втор во Инсбрук и трет во Оберсдоф и во Гармиш-Партенкирхен, собра вкупно 1.131,6 поени. За Кубацки ова е втор голем успех во кариерата, по освојувањето на титулата светски првак, лани во Сефелд, Австрија.
Второто место му припадна на младиот, 21-годишен Норвежанец, Мариус Линдвик (1.111 поени) победникот на два натпревара, први за него во кариерата (Гармиш-Партенкирхен и Инсбрук), а третото на Германецот Карл Гајгер (1.108,4 поени). Ланскиот победник, Јапонецот Рјоју Кобајаши, победи на првиот натпревар во Оберсдорф, но по четири натпревари беше четврти.
– Беше многу тешко, натпреварот беше многу израмнет. Навистина сум среќен што работите излегоа најдобро за мене. Среќен сум и поради тоа што останав мирен и си ја завршив работата како што треба. Имаше многу добри скокачи, долги скокови, но останав фокусиран и го направив најдоброто што можам за да победам – изјави Кубацки по последниот скок на турнејата сезонава, долг 143 метри, кој му ја донесе победата.
Кубацки е третиот полски скијач скокач победник на „Четирите скокалници“. Прв беше Адам Малиш во 2001 година, а втор Камил Штох, кој победи две години едноподруго, во 2017 и во 2018 година.
Финецот Јане Ахонен е најуспешен со пет победи на „Четирите скокалници“, во 1999, 2003, 2005, 2006 и во 2008 година. Со четири триумфи може да се пофали Германецот Јенс Вајфслог, во 1984, 1985, 1991 и 1996 година. Само тројца скијачи во 68-годишната историја на ова натпреварување успеале да победат на четирите скокалници во една сезона. Тоа се Германецот Свен Ханавалд во 2001/2002, Штох во 2017/2018 и Кобајаши во 2018/2019.