Светската антидопинг-агенција (ВАДА), која тесно соработуваше со УЦИ прифати дека Фрум не ги прекршил правилата по што нема никакви пречки тој да настапи и да се обиде петти пат да победи на трката околу Франција
Случајот со наводното допингување на Британецот Крис Фрум (33) на ланската трка Околу Шпанија (Вуелта) беше отфрлен од Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) што значи дека тој ќе настапи на годинашниот Тур де Франс што ќе се вози од сабота до 29 јули. Светската антидопинг-агенција (ВАДА), која тесно соработуваше со УЦИ на случајот, прифати дека нема прекршување на правилата.
Фрум беше под истрага откако во примерок од урината беше откриено поголемо количество од дозволеното на лекот за астма, „салбутамол“. Тој лек е класифициран на поинаков начин од другите супстанции, со тоа што е дозволено да се консумира до одредено ниво, кое Фрум го надминал. Тимот Скај рече дека Фрум бил само 19 отсто над лимитот, а не двојно повеќе, како што претходно беше објавено.
– Никогаш не сум се сомневал дека случајот ќе биде отфрлен од едноставна причина што знаев дека не сум сторил ништо лошо. Им благодарам на сите што ме поддржуваа и веруваа во мене во целост – изјави Фрум.
Францускиот весник „Ле монд“ објави дека организаторот на трката Амаури спортска организација (АСО), наводно, бил против Фрум да учествува на Тур сѐ додека неговиот случај не се реши. „Ле монд“ посочува дека АСО имал право на тоа, односно дека тоа е во согласност со прописите на УЦИ, кои велат дека организаторот „го задржува правото да одбие учество или да го исклучи од трката тимот или некој од неговите членови чие присуство би го нарушило реномето на АСО или на настанот“.
Претходно негативните наоди на тестот, го поттикнаа и Французинот Бернар Ино, петкратниот победник на Тур (1978, 1979, 1981, 1982 и 1985 година), да ги повика велосипедистите на бојкот. Британскиот велосипедист, кој четири пати победува на Тур де Франс (2013, 2015, 2016 и 2017 година), во мај годинава стана првиот Британец што триумфирал и на Џиро д’Италија. Тој лани победи на шпанската Вуелта и на Тур, и стана седмиот велосипедист што триумфирал на три последователни грантур-трки. Доколку победи и на годинашниот Тур, тој ќе стане вториот велосипедист, по Белгиецот Еди Меркс, со четири грантур-триумфи во низа. Фрум, исто така, би им се приклучил на Меркс, на Шпанецот Мигел Индураин и на Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, кои пет пати победувале на Тур де Франс.