Тој би требало да вози за Израел старт-ап нејшн, кој му понудил профитабилен тригодишен договор, почнувајќи од 1 август, шпекулира италијанскиот интернет-портал „Тутобичи“
Британскиот велосипедист Крис Фрум ќе го напушти тимот на Инеос пред годинашниот Тур де Франс и ќе вози за Израел старт-ап нејшн, кој на четирикратниот победник на Тур му понудил профитабилен тригодишен договор, почнувајќи од 1 август, шпекулира италијанскиот интернет портал „Тутобичи“.
Фрум (35), кому договорот со Инеос му истекува на крајот од сезоната, минатиот месец призна дека ги разгледува опциите за 2021 година, додавајќи и оти голем број тимови се заинтересирани за неговите услуги. Тој рече и дека верува оти може да вози на врвно ниво уште неколку години.
Како можна опција се спомнуваше тимот Бахреин-Мекларен, но според „Телеграф“ нема никакви шанси за такво нешто.
Израел старт-ап нејшн е основан во 2014 година и е во сопственост на Силвијан Адамс, израелско-канадски милијардер, кој се занимава со недвижности. Фрум моментално заработува околу пет милиони фунти годишно, сума што Израел ќе може да ја плати.
Директорот на Инеос, Дејв Брејлсфорд, минатиот месец за „Телеграф“ изјави дека верува оти Фрум има големи шанси по петти пат да победи на Тур. Но има индиции и дека Инеос не е подготвен да му понуди нов договор на Фрум што значи дека не би имал ништо против негово заминување.