Хрватската тениска асоцијација (ХТС), како организатор на хрватскиот дел од Адрија турнејата, што се одржа минатиот викенд во Задар, направи серија грешки во организирањето на турнирот на кој настапија некои од најголемите светски тениски свезди, тврди „Јутарњи лист“.
Поради неодговорно однесување, потсетува весникот, најмалку пет спортисти се заразени со коронавирусот – бугарскиот тенисер Григор Димитров и неговиот тренер, хрватскиот тенисер Борна Чориќ, српскиот тенисер Виктор Троицки и тренерот на Новак Ѓоковиќ, за кого сé уште се очекуваат резултатите од тестот.
Меѓу најголемите неуспеси на организаторите, пишува дневникот, е тоа што играчите и нивните екипи не биле тестирани за коронавирус, а бугарскиот тенисер Григор Димитров очигледно дошол во Хрватска со коронавирус.
Покрај тоа, на турнирот на стадионот влегувал кој сака, иако ХТС добил јасни упатства од Заводот за јавно здравје за тоа како да се организира турнирот на отворено. Според протоколот, на влезот требало да се евидентираат секој натпреварувач и неговата придружба, како и секој посетител, се наведува во написот.
„Јутарњи лист“ тврди дека немало средства за дезинфекција на влезот на стадионот, трибините на некои делови биле преполни иако ХЗЈЗ имал пропишано за вакви натпревари да може да се одржат со гледачи, капацитетите мора да бидат намалени на една третина.
Биле организирани и придружни настани со деца.
– Иако организаторите побараа упатства за тоа како да се одржи турнирот, не само што не ги следеа, туку никој од учесниците не одржуваше физичка дистанца и не ги дезинфицираше рацете, а имаше и настани за кои епидемиолозите не знаеја. Најлошо од сè е што беше организиран и ден за децата како дел од турнирот на кој голема група на деца се дружеле со Ќориќ и Ѓоковиќ – пишува „Јутарњи лист“.
Дневникот, исто така, заклучува дека вработените во турнирот не се придржувале кон мерките. Ниту еден од персоналот не носел маска, официјалните возачи исто така не се придржувале кон мерките за заштита, а на влезот на стадионот никој не ги контролирал билетите и не ја мерел температурата на учесниците и посетителите.