Уште еден квалитетен турнир и Магнус Карлсен може да биде надминат: Фабијано Каруана

На македонската листа за февруари и понатаму прв е Кирил Георгиев (2.583), пред Никола Митков и ИМ Филип Панчевски, двајцата со по 2.518 рејтинг-поени

Со феноменалната игра и победа на турнирот во Вајк ан Зе, американскиот велемајстор (ВМ) Фабијано Каруана (2.842) успеа да ја намали разликата на февруарската рејтинг-листа до светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.862) од 50 на 20 поени. Очигледно второто место на Карлсен во Вајк ан Зе (три победи и 10 ремија и загубени 10 поени), за разлика од седумте победи и шест ремија (плус 20 рејтинг-поени) на Каруана, е главната причина за февруарската бодовна разлика.
Американецот Весли Со, кој, исто така, беше непоразен со две победи (заврши трет), се искачи за три места на ранг-листата (плус пет поени) и сега е седми (2.770). Ерменецот Карен Григоријан (рејтинг 2.654), пак, влезе во првите 100 на листата (на 91-то место), а Англичанецот Дејвид Ховел испадна од најдобрите 100 (во јануари беше на 73-то место).

Кај шахистките и понатаму прва е Кинезинката Јифан Хои (2.664), пред актуелната светска првенка Венјун Ју (2.583). Во забрзан шах прв е Карлсен (2.881), а во брз шах Американецот Хикару Накамура (2.900).
Од првите 100 шахисти, 36 се со рејтинг од 2.700 или повеќе поени (еден помалку од декември). За да се влезе меѓу врвните 100 се потребни најмалку 2.650 поени. Овој рејтинг подолго време е константен, поточно од јануари 2018 година, кога изнесуваше 2.653.

На македонската листа за февруари и понатаму прв е Кирил Георгиев (рејтинг 2.583), пред Никола Митков (17 партии и освоени 10 рејтинг-поени) и ИМ Филип Панчевски (девет партии и освои 14 поени) и двајцата со рејтинг од 2.518 поени. ИМ Никола Николовски (2.454, плус 12 поени), од 8-то се искачи на 6-то место со одиграни 18 партии (плус 12 поени).

Прворангирана шахистка е ЖФМ Моника Стојковска (рејтинг 2.106), пред Бојана Бејатовиќ (2.031) и ЖИМ Габриела Коскоска (2.020). Прворангираните 100 македонски шахисти во јануари одиграа вкупно 116 партии или во просек по 1,16 партија, што е премалку. Екипно Македонија, мажи (просечен рејтинг 2.472) е на 50-то место меѓу 184 држави, а води Русија (2.739), пред САД (2.715) и пред Кина (2.705). Шахистките (1.809) се на 75-то место од 156 федерации, а прва е Кина (2.488), пред Русија (2.483) и пред Индија (2.404). При рангирањето се зема просечниот рејтинг на првите 10 шахисти, односно шахистки. 


Светскиот првак 104-ти пат на врвот

Магнус Карлсен 104-ти пат е лидер на светската рејтинг-листа. Тој првпат влезе меѓу најдобрите 100 во јануари 2016 година кога беше 89-ти (тогаш со рејтинг 2.625). Најмлади шахисти што влегле меѓу врвните 100 се Русинот Сергеј Карјакин (2.635), во април 2005 година (64-то место), Азербејџанецот Тимор Раџабов (2.599) во јануари 2002 (93-ти) и Кинезот Ји Веи (2.668) во декември 2014 година (80-ти). Сите на 15 години.
Кај жените најмногу пати прва била Унгарката Јудит Полгар (86 пати), а најмлади што со по 12 години првпат влегле меѓу најдобрите 50, се Кинезинките Пеи Лиу (2.378) во јули 2000 година (50-та) и трикратната светска првенка Јифан Хои (2.488) во јули 2006 година (осмо место). Г.И.


МАКЕДОНСКА РАНГ-ЛИСТА
ВМ К. Георгиев 2.583
ВМ Н. Митков 2.518
ИМ Панчевски 2.518
ВМ Недев 2.485
ВМ В. Георгиев 2.467
ИМ Николовски 2.454
ВМ Чоловиќ 2.443
ВМ Станојоски 2.435
ИМ Стојановски 2.421
ИМ Лазов 2.405