Двајцата во ноември меѓу себе ќе играат во Лондон за светската титула, а во меѓувреме
светскиот првак треба да игра за Осло на Европскиот клупски куп во Порто Карас,
а претендентот да ги предводи САД на Шаховската олимпијада во Батуми
Светскиот првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен генералната проба пред мечот за светската титула со Американецот Фабијано Каруана треба да ја има во Порто Карас (Грција), каде што во октомври би го предводел Осло на Европскиот клупски куп (ЕКК), јавија британски медиуми.
ЕКК е најсилното европско клупско натпреварување во шах (како што е Лигата на шампионите во фудбал), на кое од Македонија, во машка конкуренција, ШК Алкалоид во 2016 година ја освои титулата, лани беше европски вицешампион, а ШК Гамбит Асеко СЕЕ беше втор во женска конкуренција во 2015 година.
Според информациите, Карлсен ќе ја пропушти Шаховската олимпијада (ШО) во Батуми (Грузија) во крајот на септември и почетокот на октомври, но таму би требало да игра Каруана, кој би настапил на првата табла за САД, во обидот таа репрезентација да ја одбрани титулата од Шаховската олимпијада во 2016 година во Баку (Азербејџан).
Карлсен во моментов игра на силниот турнир во швајцарскиот Биел (по осум кола е втор со пет поена, еден помалку од Мамедјаров, на турнирот на кој играат и Свидлер, Вашер-Легрев, Навара и Георгиадис), а од 16 август треба да настапи и на турнирот во Сент Луис (САД), каде што би играл и против Каруана, во нов дуел пред нивниот меч за светската титула во ноември, во Лондон.