Дуелот помеѓу актуелниот светски првак Карлсен и поранешниот шампион Гари Каспаров заврши без победник во 55-от потег, откако Норвежанецот испушти победа во 2-то коло на турнирот во т.н. Шах-960

ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР ВО ШАХ-960

Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, беше пред победа против поранешниот светски првак, Русинот Гари Каспаров, но неговиот голем претходник успеа да ремизира во 55-от потег, во нивната прва партија одиграна дури по 16 години. Карлсен имаше добиена завршница, но му дозволи на противникот да најде пат за спас на половина поен. На крајот, Карлсен остана да седи разочарано, а Каспаров триумфално ги крена рацете во воздух.
Турнирот Шах-960 (темпо на размислување 20 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч), каде што компјутерот ги поставува по случаен избор фигурите на вториот ред (за да се намали улогата на веќе теоретски познатите отворања), играат преку интернет 10 врвни шахисти за награден фонд од 150.000 долари (вкупно девет кола, по три секој ден).

По овој турнир од утре до сабота ќе се игра и турнир во забрзан и во брз шах, вреден 270.000 долари, што ќе претставува уште еден тежок тест за Карлсен, кој е актуелен светски првак и во забрзан и во брз шах. Меѓу ривалите на Норвежанецот ќе бидат врвни шахисти, кои ги предводи Американецот Хикару Накамура, чиј меѓусебен маратонски меч од 38 интернет-партии (на крајот го доби Карлсен со т.н. армагедон), привлече рекордна интернет-публика.
Кога стандардните турнири замреа во март и во април поради ковид-19, Карлсен беше во рекордна низа од 121 стандардна партија без пораз, речиси сите против елитни противници. Тој, секако, ќе се обиде да го зголеми ова достигнување, иако нема да биде воопшто лесно. Карлсен треба да ја брани титулата во стандарден шах во 2021 година во Дубаи, но колку ова играње преку интернет ќе влијае врз него ќе покаже времето. Сепак, општо гледано, онлајн шахот постигна импресивна добивка во поглед на настапите на шахистите и нивната гледаност.

Табела по 6. коло на турнирот Шах-960: Аронијан 4,5 поени, Карлсен 4, Со 4, Накамура 4, Домингез 3,5, Каруана 3, Каспаров 2, Свидлер 2, Вашер-Лаграв 1,5, Фирузја 1,5. Вчера се играа уште три кола.