Магнус Карлсен

Карлсен по 105-ти пат е лидер на светската шаховска рејтинг-листа (2.862 поени), додека на македонската листа убедливо води Кирил Георгиев (2.587)

Норвешкиот велемајстор (ВМ) и актуелен светски првак Магнус Карлсен (2.862 рејтинг-поени), ја задржа лидерската позиција и на мартовската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и тоа по рекорден 105-ти пат. На втората позиција е американскиот велемајстор (ВМ) Фабијано Каруана (2.842), кој заостанува 20 поени зад првиот, а на третото место е Кинезот Динг Лирен (2.805), со што завршува листата со шахисти над 2.800 поени. Другите промени на врвот се незначителни. Русинот Давид Паравјан, кој беше сензационален победник на турнирот во Гибралтар, првпат во својата кариера влезе во топ 100 (на 92-то место). Најмногу рејтинг-поени (20) во февруари загуби Украинецот Василиј Иванчук (2.678), кој падна од 39-то на 55-то место, додека најмногу поени (18) освои Русинот Андреј Есипенко (2.672), со што се искачи од 93-то на 66-то место, додека најмногу партии (21) одигра Чехот Давид Навара (2.719, рангиран на 26-то место). Во забрзан шах прв е Карлсен (2.881), а во брз шах Американецот Хикару Накамура (2.900).

Кај шахистките и понатаму прва е Кинезинката Јифан Хои (2.658), пред Индијката Химпи Конеру (2.586) и актуелната светска првенка Венјун Ју (2.583). Хоу е водечка и во забрзан шах (2.621), додека во брз шах Русинката Катерина Лагно (2.608). Кај јуниорите води Иранецот Алиреза Фирузја (2.728), а кај јуниорките Казахстанката Жансаја Абдумалик (2.461).

На македонската листа за март и понатаму прв е Кирил Георгиев (рејтинг 2.587) со нови четири поени. ИМ Филип Панчевски (2.519 + 1 поен) го мина ВМ Никола Митков (2.518) и сега е трет. Притоа, само девет шахисти играле во февруари од првите 100 на листата, а најмногу ФМ Дејан Динев и младиот Матеј Звездаковски (по 20), Емил Ристевски (9), Стојанче Димовски (8)…

Прворангирана шахистка, пак, е ЖФМ Моника Стојковска (2.106), пред Бојана Бејатовиќ (2.031) и ЖИМ Габриела Коскоска (2.020). Прворангираните 100 македонски шахисти во февруари одиграа вкупно 77 партии (во јануари 116) или во просек по 0,77 партија, што е премалку. Екипно Македонија, мажи (просечен рејтинг 2.472), остана на 50-то место меѓу 184 држави, а води Русија (2.739), пред САД (2.715) и пред Кина (2.705). Македонските шахистки (1.809) напредуваа две места и сега се на 73-то место од 156 федерации, а прва е Кина (2.488), пред Русија (2.483) и пред Индија (2.404). При рангирањето се зема просечниот рејтинг на првите 10 шахисти, односно шахистки.

Кирил Георгиев

МАКЕДОНСКА РАНГ-ЛИСТА
ВМ К. Георгиев 2.587
ИМ Панчевски 2.519
ВМ Н. Митков 2.518
ВМ Недев 2.485
ВМ В. Георгиев 2.461
ИМ Николовски 2.454
ВМ Чоловиќ 2.443
ВМ Станојоски 2.435
ИМ Стојановски 2.421
ИМ Лазов 2.405