Верувам дека покрај Павлов, на татамите во Токио ќе настапат Јакупи или Арсовски оти двајцата се во иста категорија, вели селекторот на македонската карате-селекција Сашко Арсовски
Македонските каратисти и понатаму се во трка за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава. А дотаму има неколку турнири од Премиер-лигата, Европското првенство (ЕП) во Баку во март, како и квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој ќе се одржи во Париз во мај.
– И понатаму сум цврсто уверен дека македонските каратисти Емил Павлов, Берат Јакупи и Жарко Арсовски имаат најголеми шанси да настапат на ЛОИ во Токио годинава. По природа сум секогаш оптимист и верувам дека покрај Павлов, на татамите во Токио ќе настапат Јакупи или Арсовски оти и двајцата се во иста категорија, а таму може да настапи само еден каратист од иста држава во една категорија. До ЛОИ има време, нѐ очекуваат турнирите во Премиер-лигата во Дубаи и во Салцбург, како и ЕП, каде што со добар пласман ќе се освојат и повеќе бодови. Но, сепак, најзначаен настан ќе биде квалификацискиот турнир во Париз за пласман на ЛОИ. Репрезентативците се во одлична форма. До почетокот на ЕП ќе имаме неколку викенд-подготовки во Штип, почнувајќи од февруари, а завршните ќе бидат во Пехчево, пред заминувањето на ЕП – вели селекторот на македонската карате-репрезентација во борби Сашко Арсовски.
Моментално, од македонските каратисти на олимписката ранг-листа, најдобро котира Павлов (категорија до 65 кг), кој е на 26-то место со 2.242 бода. Првопласираниот, Казахстанецот Дархан Асадилов, има 9.067 бода. Втор најдобар пласман има Јакупи (до 75 кг), кој е на 40-то место (првопласираниот Угур Акташ од Турција има 9.352 бода), а Ж. Арсовски е на 153-то место со 337,5 бода.
– Можев подобро да поминам на неодамнешниот турнир во Париз, но покрај квалитетниот противник, загубив дури по прегласување на судиите откако резултатот беше 0-0. Но тоа не ме загрижува многу, оти најбитен е квалификацискиот турнир за ЛОИ, во мај, во Париз. Таму ќе се натпреваруваат првите 100 на олимписката ранг-листа по категорија, а тројцата најдобропласирани ќе обезбедат пласман на ЛОИ – вели Јакупи.
Од натпреварувачите во кати, Фери Исиќ моментално е на 65-то место со 442,5 бода, а Пуликсенија Јованоска е на 40-то со 727,5 бода. И во кати во мај ќе има олимписки квалификациски турнир во Париз ЛОИ.