Сѐ повеќе се зголемуваат сомнежите околу судбината на годинашниот Тур де Франс, откако Светската велосипедска асоцијација (УЦИ) објави дека ја продолжува суспензијата на сите трки до 1 јуни, нешто повеќе од три недели пред предвидениот почеток на трката, во Ница, на 27 јуни. Директорот на Тур де Франс, Кристијан Прудом, за француските медиуми изјави дека трката нема да се одржи без публика и покрај сегашната криза со коронавирусот.
Прудом вели дека тој и неговите колеги од АСО (организаторите на трката) разговарале и за можноста таа да се одржи подоцна летово, во јули или во август. Прудом инсистира трката да се одвива вообичаено, во безбедно опкружување за да можат гледачите да уживаат во спектаклот покрај патот, а АСО, 15 мај го одреди како краен рок за одлука дали ќе се одржи трката.
Според интернет-страницата „Спорт-Оверн“ едно е сигурно за Прудом: „Тур де Франс нема да се одржи без публика“. Минатата недела, француската министерка за млади и спорт, Роксана Маракино, изјави дека Тур годинава би можел да се вози без навивачи покрај патиштата или на местата за почеток и за крај на етапите.
Легендата на велосипедската трка Тур де Франс, Французинот Бернар Ино, петкратен победник, даде на аукција една од многуте жолти маички за да помогне во борбата против пандемијата на коронавирусот. Ино, кој во текот на кариерата 75 пати ја облекувал жолтата маичка, ја даде на аукција маичката од 1982 година, кога триумфира на Тур де Франс и на Џиро д’Италија. Тој се надеваше дека за неа ќе добие 5.000 евра, но од почетните 100 евра понудата веќе достигна над 7.500 евра, сума што може да порасне до вторник додека трае аукцијата.