БОРЕЊЕ

Нуров во рамките на подготовките за настапот на ЛОИ го освои златниот медал на меѓународниот турнир во Италија, со две победи, со по 10-0, односно со технички туш

Македонскиот борач во слободен стил Магомедгаџи Нуров (28), во рамките на подготовките за престојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од 23 јули до 8 август), го освои првото место на меѓународниот турнир во Сасари (Италија), во категоријата до 97 килограми, што само може да радува во темпирањето на неговата форма пред настапот на Летните олимписки игри во Јапонија.

Нуров до златниот медал дојде по двете победи со по 10-0, односно со технички туш. Прво беше совладан Канаѓанецот Ричард Дешателе, а потоа и Италијанецот Едоардо Џилоти.
– Нуров е во добра форма и заслужено победи во својата категорија на овој меѓународен турнир, а во рамките на подготовките за ЛОИ – ни изјави Могамед Ибаргимов, носителот на бронзен медал за Македонија на Летните олимписки игри што се одржаа во Сиднеј во 2000 година, кој му е и тренер на Нуров.
Боречките натпревари на Летните олимписки игри во Токио треба да почнат на 1 август.