Ако победи Со, тоа ќе биде негов трет триумф во оваа серија турнири, а ако победи Карлсен, тоа ќе биде негова втора победа. Овој турнир е дел од вкупната серија од 10 турнири, која треба да заврши во септември

ШАХ – ШЕСТИ ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ

Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и Американецот Весли Со ќе играат во финалниот дуел (осум партии во два дена, со можен т.н. тајбрејк) на шестиот по ред интернет-турнир на шампионите во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег по играч), вреден 320.000 евра. Овој турнир е дел од вкупната серија од 10 турнири, која треба да заврши во септември годинава.
Ова ќе биде трето нивно финале во оваа серија, а претходните две ги доби Со. Карлсен во полуфиналето го совлада Азербејџанецот Тимур Раџабов, со вкупни 5-3, откако по првиот ден беше 2-2. Со беше поуспешен од претендентот за светски првак во класичен шах, Русинот Јан Непонијашчи, со вкупен резултат 4,5-2,5 (2,5-1,5 и 2-1).
На турнирот настапија вкупно 16 врвни шахисти, а по прелиминарната фаза понатаму продолжија првите осуммина по т.н. нокаут-систем. Ако победи Со, ова ќе биде негов трет триумф во оваа серија турнири (славеше на првиот и на третиот), а ако победи Карлсен, тоа ќе биде негова втора победа (претходно славеше на петтиот турнир). На вториот турнир најдобар беше Раџабов, а на четвртиот Холанѓанецот Аниш Гири.
Во генералниот пласман засега води Карлсен со 185 бода, а потоа следуваат Со со 145, Раџабов 109, Гири 105, Непомнијашчи 83, Аронијан 81, Накамура 73, Вашер-Леграв 54, Дубов 23 Мамеѓаров 21 итн. Првите осуммина, како и победниците на секој од турнирите, обезбедуваат пласман и на финалниот турнир.