Актуелниот светски првак Магнус Карлсен на годинашниот силен шаховски турнир, кој во девет кола се игра во норвешкиот град Ставангер, се чини дека е во најдобра форма. Во 3-то коло, тој го победи и искусниот Ерменец Левон Аронијан по 31 одигран потег и на начин својствен само за Норвежанецот. Ова е негова втора победа по три изминати кола, додека другите четири партии, како во 1-то, 2-то и 3-то коло, завршија мирољубиво, што го прави Карлсен уште на шест кола до крајот голем фаворит за триумф на турнирот, кој шести пат се игра.
На минатите два турнира во Ставангер, Карлсен се чини повеќе се бореше со својата „домашна предност“, отколку со ривалите. Но, годинава, Норвежанецот очигледно дека е во одлична форма пред домашната публика, а тоа засега го покажува и остварениот резултат на шаховската табла.
Во 1-то коло тој покажа силен стратегиски перформанс против Американецот Фабијано Каруана, неговиот иден противкандидат на претстојниот меч за титулата светски првак, кој ќе следува во ноември, годинава во Лондон, додека во 2-то коло, пак, лесно со црни фигури му контрираше на Русинот Сергеј Карјакин, неговиот претходен противкандидат за СП, меч што се одигра во Њујорк.
Карлсен е и водечки шахист според постојниот рејтинг со блиц (2.939 рејтинг-поени), забрзано (2.880) и класично (2.843) темпо на размислување. Зад него во класичен шах е токму неговиот конкурент за титулата светски првак Каруана (2.816).
РЕЗУЛТАТИ 3. коло:
Ананд – Динг реми, Карлсен – Аронијан реми, Мамеѓаров – Карјакин реми, Со – Накамура реми, Вашер-Легрев – Каруана реми.
ТАБЕЛА: Карлсен 2,5, Карјакин, Динг, Накамура, Мамеѓаров, Вашер-Легрев, Со, Ананд сите по 1,5, Каруана и Аронијан по 1 поен.
Г.И.