Бернал и Томас

Тој е и најмладиот победник на најпрестижната велосипедска трка на светот по 110 години

Еган Бернал е првиот Колумбиец, наедно и најмладиот, на 22 години (роден е на 13 јануари 1997), победник по 110 години, на најпрестижната велосипедска трка на светот, Тур де Франс. Бернал, кој вози за британскиот тим Инеос (до лани Скај), го презеде водството и ја облече жолтата маичка во хаотичната 19-та етапа, која беше прекината на 26,9 км пред целта во Тињ, поради невремето и снегот на патот!

Вчера се возеше последната, 21-та, ревијална етапа околу Париз, со финале на Елисејските Полиња, на која, по традиција, ривалите не го напаѓаат лидерот, кој отпоздравува и позира со чаша шампањско. Бернал, покрај жолтата, е освојувач и на белата маичка, наменета за најдобриот млад возач на Тур.

– Не ми се верува што се случи, ќе ми требаат неколку дена да се соземам, да сфатам што постигнав, сево ова е неверојатно. Кога стигнавме до финишот (на претпоследната, решавачка етапа) со Герент и тој ми ја стисна раката, сфатив дека е готово и дека јас ќе победам на Тур де Франс – изјави Бернал, првиот велосипедист победник на оваа трка од Јужна Америка.

Триумфот на Бернал, кој е роден во Богота, која се наоѓа на 2.600 метри надморска височина, не е некое големо изненадување за познавачите на состојбите во овој спорт. Специјалистот за ридски патеки големиот потенцијал го покажа лани, кога им беше главен помошник на Томас и Фрум. Во тимот на Скај тој дојде лани, по триумфот на престижната трка Тур де л’Авенир, за велосипедисти до 23 години. Потоа победи на Тур Колумбија и на Тур Калифорнија, по што следуваа трансферот во Скај и дебито на Тур де Франс. По тешкиот пад и повредите на Фрум пред Тур, шефот на Инеос, Дејв Брејлсфорд, реши Бернал и Томас да бидат заеднички лидери во тимот, што се покажа како исправна одлука.

– Мислам дека ова веројатно е една од најинтересните трки во историјата, сигурно највозбудливата на која имаме учествувано јас и мојот тим. Алафилип „умираше“ секој ден за „жолтата маичка“, исто и Пино. Сите го доведуваа во прашање нашиот тим, се сомневаа во него, но на крајот тимската стратегија се покажа како подобра од индивидуалната – изјави Блејсфорд.
Бернал е третиот најмлад велосипедист победник на Тур де Франс, по Анри Корне во 1904-та, на 19 години, и по Франсоа Фабер од Луксембург во 1909-та, на 22 години, помлад десетина дена од Бернал.

Втор на годинашниот Тур е ланскиот победник, Велшанецот Герент Томас, исто така од Инеос, тимот што ја продолжи победничката серија последнава деценија, која ја прекина само Италијанецот Винченцо Нибали во 2014-та. По триумфот на Бредли Вигинс, во 2012-та, како прв Британец победник на оваа трка, четирипати победи Фрум (2013, 2015, 2016 и 2017), лани Томас и годинава Бернал.
Годинашниот Тур беше наречен и највисок во историјата, поради неколкуте финиши во Алпите на височина од над 2.000 метри, што му одговараше на Бернал.
– Јас живеам во град во Колумбија на 2.600 метри. Кога сум високо во планините, јас се чувствувам многу подобро отколку на почетниот дел од етапата. Тоа е мојата предност – вели Бернал за своите природни качувачки способности.

Французинот Жилијан Алафилип, кој ја носеше жолтата маичка две недели, не издржа докрај (заврши на петтата позиција) и не успеа да ги израдува сонародниците, кои чекаат на триумф на Тур од 1985 година, кога по петти пат победи Бернар Ино.
Мала утеха за Французите може да биде Роман Барде, кој е освојувач на „црвено-белата точкеста маичка“ за најдобриот велосипедист на ридско- планинските етапи. Словакот Петер Саган по седми пат е носител на „зелената маичка“ за најмногу освоени поени.


Четворица со по пет триумфи

Четворица велосипедисти имаат забележано по рекордни пет победи на Тур де Франс. Тоа се Французите Жак Анкетил (1957, 1961, 1962, 1963 и 1964), и Бернар Ино (1978, 1979, 1981, 1982, 1985), Белгиецот Еди Меркс (1969, 1970, 1971, 1972 и 1974) и Шпанецот Мигел Индураин (1991, 1992, 1993, 1994 и 1995-та). Крис Фрум е единствениот со четири победи (2013, 2015, 2016 и 2017), а по трипати победувале тројца возачи, Филип Тис (1913, 1914 и 1920), Луисон Бобе (1953, 1954 и 1955) и Грег Лемонд (1986, 1989, 1990) итн.