ШАХ

Подготвени сме да го почнеме Турнирот на кандидатите во Екатеринбург. Откако ќе се одиграат сите партии, ќе се утврди кој ќе го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен во Дубаи во декември годинава, изјави претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович.
Турнирот беше прекинат на 26 март минатата година, 11 дена по неговото почнување, поради пандемијата на коронавирусот. На овој двокружен турнир што треба да продолжи в понеделник, играат осум шахисти, а по 7-то коло, во водство се Французинот Максим Вашиер-Леграв и Русинот Јан Непомнијашчи со по 4,5 поени. Предизвикувачот на Карлсен ќе биде познат до 28 април.
– Сите играчи се свесни за медицинскиот протокол и ние секојдневно контактираме со сите учесници и со нивните тимови. Гледачите ќе бидат примени на турнирот со некои мерки, како што се носење маски и дистанцирање, а мора да имаат примено вакцина, да имаат антитела или негативен тест на инфекција од ковид-19 – рече Дворкович.