Радукану (150-та на ВТА-листата) стана четвртата квалификантка што се пласирала во полуфинале на гранслем-турнирите, во Њујорк ги доби сите 16 сета во кои играше, што е феноменален успех ако се додаде фактот дека поради пандемијата натпреварувачки паузирала од тенисот 15 месеци, а на терен се вратила откако добила специјална покана за учество на Вимблдон
ТЕНИС
Британката Ема Радукану (18) е втората тинејџерка што обезбеди место во полуфиналето на отвореното тениско првенство на Америка, САД опен. Во четврт-финалето на гранслем-турнирот во Њујорк младата Радукану ја победи олимписката шампионка од Токио, Белинда Бенчиќ, со 6-3 и 6-4 во сетови. Со тоа таа стана прва квалификантка што се пласирала во полуфинале на САД опен, а само четврта квалификантка што успеала да стигне во полуфинале на гранслем-турнирите во т.н. опен ера (од 1968 година). Радукану е и првата тенисерка, по Џенифер Капријати во 1990 година, која стигнала барем до четвртото коло на нејзините први два гранслем-турнири.
Британката, моментно 150-та на ВТА-листата, во Њујорк ги доби сите 16 сета во кои играше, што е навистина феноменален успех, ако се додаде фактот дека поради пандемијата на коронавирусот Радукану натпреварувачки паузирала од тенисот 15 месеци, а на терен се вратила откако добила специјална покана за учество на Вимблдон.
– Не очекував дека ќе стигнам дотука. Имав резервирано билет за Лондон за веднаш по квалификациите. Многу ми значи пласманот во полуфиналето и уживам во искуството – изјави Радукану, пренесе „Би-би-си“.
Претходно место во полуфиналето обезбеди и 19-годишната Канаѓанка Лејла Фернандез, која за влез во полуфиналето ќе игра со втората носителка Арина Сабаленка. Во полуфиналето на турнирот за мажи, светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе има реприза на олимпиското полуфинале со Александер Зверев, а втората двојка ја сочинуваат вториот носител Данил Медведев и 12-от носител Феликс Агуер-Алиасим.