Легендарниот бразилски возач Аиртон Сена смртно страдаше на денешен ден пред точно 25 години, на 1 мај 1994 година, на трката за Големата награда на Сан Марино. Еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, Сена, го загуби животот на 34-годишна возраст. Тој ден, на патеката „Енцо и Дино Ферари“, при брзина од преку 300 километри на час, на болидот на Вилијамс откажа управувачот. Во полна брзина Сена удри во ѕидот во свиокот Тамбурело, на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола.
Ден претходно, на истата патека, за време на квалификациите, речиси на истото место смртно страдаше и малдиот Австриец Роланд Раценбергер. Овие две трагедии, засекогаш ја сменија Формула 1.
Аиртон Сена од 162 трки во Формула 1, се искачи 80 пати на подиумот, а победи 41 пат. Три пати беше светски првак како возач на Мекларен – 1988, 1990 и 1991 година. Запаметен е како кралот на квалификациските сесии. Никој како него не возел на трките во врнежливи услови, поради што го доби прекарот „дождовниот човек“.
И сега, по 25 години, многумина се прашуваат што ќе се случуваше со овој спорт, доколку не се случеше оваа трагедија. Едно е сигурно, Сена беше еден и единствен, различен од сите по начинот на возење. Некои не го сакаа, на многумина им беше идол, но едно е сигурно, беше и остана недопирлив.