Сезонава беше нарушена од пандемијата, што е причина првпат во 64-годишната историја „Франс фудбал“ да не доделува награди
ФУДБАЛ
Признанието „златна топка“ нема да се доделува годинава, првпат во 64-годишната историја, поради пандемијата на ковид-19, која предизвика вистинска катастрофа во фудбалскиот календар, соопшти организаторот, списанието „Франс фудбал“. Престижната награда, за која гласаат новинарите, е годишна награда што му се доделува на најдобриот фудбалер на светот од 1956 година. „Златната топка“ за најдобрата фудбалерка првпат беше доделена во 2018 година.
Сезоната 2019/2020 беше нарушена од пандемијата на коронавирусот, а сите поголеми европски лиги ги суспендираа натпреварите од март до јуни. Поголемите турнири, како што се Европското првенство и Копа Америка, што требаше да се одржат годинава се одложени за идната година.
– Од спортски аспект, недостига време за да се формира мислење и да се одлучи кој треба да ги добие признанијата. Да не заборавиме и дека многу натпревари беа одиграни или ќе се играат во вонредни услови, зад затворени врати, со по пет замени – изјави Паскал Фере, главниот и одговорен уредник на „Франс фудбал“.
Фудбалерот на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, рекордни шест пати ја добивал „златната топка“, еднаш повеќе од долгогодишниот ривал, Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус. Меси и Роналдо се меѓу неколкуте врвни играчи што ќе ја пропуштат можноста за добивање ново признание. Меси стана првиот играч во Ла лига што во една сезона постигнал над 20 гола и имал над 20 асистенции, Роналдо исто така соборува рекорди според бројот на постигнати голови, а за истакнување е и напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, кој сезонава постигна 50 гола (34 во Бундес-лигата) итн.
– Би ги издвоил Мохамед Салах и Вирџил ван Дајк од Ливерпул, Гомез, мозокот на Аталанта, изненадувањето во Италија и во Европа сезонава, потоа од Реал Мадрид Карим Бензема, играчот од сенка, а најпродуктивен со голови и со константност, како и голманот Јан Облак од Атлетико, кој со години ја потврдува својата класа – вели тренерот на Борец, Горазд Михајлов.
И некогашниот македонски репрезентативец Ѓорѓи Христов издвои неколкумина.
– Според мене, во конкуренција би биле Садио Мане од Ливерпул, Карим Бензема од Реал Мадрид, Паоло Дибала од Јувентус итн. – вели Христов.
За да се пополни празнината, жирито на „Франс фудбал“, составено од преставници на 180 магазини, на крајот од годината ќе го избере „тимот од соништата“ на сите времиња. Л.Д.; Г.М.