Софревска-Андонова и Георгиев со победничкиот пехар

Во конкуренција на 168 учесници, по девет одиграни кола, велемајсторот Кирил Георгиев освои 8 поени

Македонскиот велемајстор (ВМ) и репрезентативец Кирил Георгиев (2.660 рејтинг-поени) триумфира на традиционалниот отворен турнир во забрзан шах „Алкалоид 2019“ (15 минути, плус 5 секунди за секој одигран потег), кој во организација на истоимениот шаховски клуб се одржа во хотелот „Континентал“ во Скопје. Во конкуренција на 168 учесници (10 ВМ, 10 ИМ, 11 ФМ, 1 ЖФМ) од Македонија, Србија, Русија, Албанија, Косово и од Бугарија, Георгиев, кој беше прворангиран пред почетокот, по девет одиграни кола освои 8 поени (седум победи и две ремија), со играчки перформанс од 2.755 поени и новоосвоени 16 рејтинг-поени. Ова е негов трет успех на овие турнири (победи во 2013, 2014, 2019), а со последниот успех ја освои и паричната награда од 25.000 денари.

– Секогаш играм да победам на турнирите колку тоа и да не е лесно поради големата конкуренција. Играв добро и брзо, иако имав среќа во некои партии, како на пример против Панчевски, каде што мојата позицијата по 15 потези во отворањето не беше добра. Наскоро очекувам да стигнам до 2.700 рејтинг-поени во забрзан шах – задоволно вели Георгиев.

Второто место му припадна на ВМ од Србија Бобан Богосављевиќ (2.576, рангиран на 2-то место), исто така со 8 поени (седум победи и две ремија), но со послаб дополнителен критериум. Третото место го освои македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и член на ШК Алкалоид Филип Панчевски, со 7 поени (седум победи и два пораза) и новоосвоени 14,6 рејтинг-поени. Најуспешна шахистка (од вкупно 13-те) е ЖФМ Моника Стојковска (2.050) со 5 поени. Вкупниот награден фонд на турнирот беше 130.000 денари, а наградите на најдобрите им ги предаде секретарката на ШК Алкалоид Лидија Софревска-Андонова.

ТАБЕЛА: ВМ Георгиев (2.660) 8, ВМ Богосављевиќ (2.586) 8, ИМ Панчевски (2.514) 7, ИМ Стојановски (2.481) 7, ФМ Лазов (2.325) 7, ВМ Тодоровиќ (2.403) 7, ИМ Николовски (2.435) 7, ФМ Ливаја (2.329) 7 поени итн.


Досегашни победници

2012 – ИМ Зоран Новоселски 7,5
2013 – ВМ Кирил Георгиев 8
2014 – ВМ Кирил Георгиев 8
2015 – ИМ Филип Панчевски 8
2017 – ИМ Петар Дренчев 7,5
2018 – ИМ Филип Панчевски 8
2019 – ВМ Кирил Георгиев 8