Георги Петков од Гевгелија е единствениот Македонец во меѓународната експедиција „Еверест 2018“ чии членови најверојатно кон средината на идната недела треба да бидат на врвот.
Тој вели дека во моментов се наоѓаат во последниот базен логор и оти се чека добро време за експедицијата да продолжи со искачување.
Искусниот водач на експедицијата, Тим Моусдејл, истакна дека сите претходни подготовки, како што се логистика, фиксирање на јажиња, монтирање скали, боци со кислород и аклиматизација се направени и оти се чека само таканеречениот „временски џеб“ што овозможува поволни климатски услови за да се тргне кон врвот.
Доктор Петков максимално подготвено го очекува моментот во кој се надева да го оствари најголемиот сон на секој алпинист, да стапне на Монт Еверест. Ако се искачат на врвот тој ќе биде првиот гевгеличанец и шестиот Македонец кој го освоил Монт Еверест.
– Двајца членови од експедицијата, кои веќе се имаат искачено на Монт Еверест ќе останат на 500 метри понискиот врв Лотсе, а другите четворица, меѓу кои и јас, со помош на четворица асистенти ќе се упатиме кон врвот висок 8.848 метри – рече Петков.