ШАХОВСКО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА МЛАДИ
Годинава во шест возрасни категории настапија 90 учесници (од девет клуба, како и лани), од кои 66 во машка и 24 во женска конкуренција, што е за 27 повеќе од минатата година. Гамбит освои пет титули, Алкалоид и Центар по две, Прилеп и Стево Патако по една титула, а денеска треба да се одигра последното коло кај момчињата до 16 години
Шаховскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ освои најмногу први места на Првенството на Македонија за млади категории, до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години во машка и во женска конкуренција, кое се играше во Струга. Остана уште денес да се одигра последното коло кај момчињата (до 16 години), оти тие подоцна почнаа.
Од досега комплетираните првенства, Гамбит Асеко СЕЕ има две први места кај момчињата и три кај девојчињата, Алкалоид по едно прво место кај момчињата и кај девојчињата, Центар две први места кај момчињата, а Прилеп и Стево Патако од Битола имаат по едно шампионско место кај девојчињата. Во однос на лани, кога шампионски титули освоија само три клуба (Алкалоид, Гамбит Асеко СЕЕ и Центар), годинава има уште два.
Титулите од лани во истите возрасни категории ги одбранија Андреи Калин (12), Антон Златков (14) и Матео Ефтовски (18), а во категорија повисоко прваци стана Никола Петровски (10), Михаела Зрмановска (16), додека Леа Ефтовска е првенка до 18 години, но бидејќи немаше ривалки играше заедно со момчињата во таа категорија и го освои седмото место меѓу 12 шахисти.
Годинава во шест возрасни категории настапија 90 учесници (од девет клуба како и лани), од кои 66 во машка и 24 во женска конкуренција, што е за 27 повеќе од лани (18 кај момчињата и девет кај девојчињата).