Во сезоната 2017/2018 сите, освен една, од првите 18 дами заработиле повеќе од исто пласираните мажи на ранг-листата за награди во алпското скијање
Во време кога жените се борат за еднакви плати во професиите во светот, врвните светски алпски скијачки втора сезона по ред ги надминаа своите машки колеги во однос на заработките, и тоа благодарение на воведувањето на еднаквата минимална парична награда на сите светски настани во алпско скијање, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Сепак, на индивидуалните организатори им е дозволено да понудат повеќе од минимумот, па, така, на женските и на машките трки се плаќаат најмалку по 120.000 франци за првите 30 финалисти во секоја трка.
Во сезоната 2017/2018 сите, освен една, од првите 18 дами заработиле повеќе од исто пласираните мажи на ранг-листата за награди. Првите 13 дами го постигнале истиот подвиг и во сезоната 2016/2017, вклучувајќи ја и Американката Микаела Шифрин, која во последните две зими заработи повеќе пари од трките од алпскиот скијач број еден, Марсел Хиршер.
– Тоа што годинава можев да освојам најмногу пари меѓу колегите, женски и машки, значи дека е постигнат напредок во големата борба за елиминирање на родовата нееднаквост на работните места. Особено ако се направи споредба со еден од најсилните машки спортисти на оваа генерација, Хиршер, бидејќи имав речиси еднаков успех како Марсел во сезоната – рече Шифрин.
Шифрин успеала да заработи вкупно 702.774,88 франци, пред сѐ поради нејзините искачувања на подиумите на женската турнеја. На дел од нив таа добила повеќе од минимумот, вклучувајќи ги трките во Куршевел, Линц и во Флахау. Флахау беше најплатената трка на женските трки, со вредност од 194.054,76 франци, од кои повеќе од 39 илјади завршиле на сметката на Шифрин како победник. Бад Клајнкирхајм, исто така, го надмина минимумот од паричните награди во женската тура, за вкупно четири настани и седум трки што се исплаќаат повисоко од бараниот минимум.
Студијата на Би-би-си од 2017 година открива дека од 44 професионални спорта, 20 проценти уште не успеваат да понудат еднаквост во паричната награда.
– Јасно е дека истата работа и истата одговорност треба да се вреднуваат еднакво. Нашите натпревари на женската турнеја се еднакво тешки и привлекуваат и повеќе гледачи, па затоа е од суштинско значење што женското алпско скијање нуди еднаква парична награда како и за мажите – рече Атле Скардал, директор на ФИС во Светскиот куп за жени.
Нина Хавер-Лосет од Норвешка заработила повеќе од мажите со ист ранг на листата за парични награди во изминатите три години со просек од 106.175 франци. Таа ја наведува еднаквоста во паричната награда како една од причините поради кои била мотивирана да се развие во професионална спортистка.
– Гледајќи дека жените заработуваат за живеење од трки, ми помогна да го задржам мојот интерес во овој спорт и да станам професионалец. Како спортистка, многу е добро чувството кога знаеш дека паричната награда е еднаква со таа на мажите. И горда сум на еднаквоста во нашиот спорт. Од друга страна, пак, малку е тажно да се види дека во некои други спортови разликата меѓу мажите и жените уште е премногу голема, кога станува збор за наградите од трките – рече Хавер-Лосет.