Ковид-19 и понатаму зема замав. Во претходните неколку дена се проширува и списокот на познати спортисти, кои се позитивни на новиот коронавирус. По НБА-ѕвездите на Јута, Руди Гобер и Донован Мичел, трет на листата е центарот на Детроит, Кристијан Вуд. Меѓу фудбалерите, во Италија се заразени стоперот на Јувентус, Даниеле Ругани, и напаѓачот на Сампдорија, Маноло Габјадини.
Прв случај во англискиот фудбал, кој беше позитивен на коронавирусот, беше сопственикот на Нотингем форест и на грчки Олимпијакос, Евангелос Маринакис. Листата ја прошири еден фудбалер од Челси, а подоцна Арсенал соопшти дека позитивен на коронавирусот е и нивниот тренер Микел Артета. Присуство на вирусот е потврдено и кај помошник-тренерот на Ајакс, Данецот Кристијан Поулсен, а позитивен на тестот бил и поранешниот репрезентативец на Данска, Томас Каленберг.
Во Германија, пак, 60 ракометари од редовите на Кил и на Левен се во карантин под надзор поради можноста некој од нив да се заразил со коронавирусот за време на минатонеделниот ракометен натпревар. Во изолација и под надзор е и десниот бек на Фленсбург, Хогар Гландорф.
Во Франција по двајца ракометари на Лимож и на Шамбери се позитивни на вирусот, а во Шпанија беа регистрирани четири позитивни случаи кај ракометарите на Малага. Во домашна изолација е и екипата на словачкиот првак Татран, кој откако се врати од четвртфиналниот дуел со Загреб беше испратен во карантин, според мерките на словачките власти. Целиот тим на исландскиот Стјарнан е во карантин, откако било откриено дека еден од тренерите бил позитивен на коронавирусот. Од регионов неколку земји до саботата ги немаа запрено натпреварувањата во сениорска конкуренција и засега кај нив важи само одлуката да се игра без публика.
Паузата во светот на спортот, која настана како последица на коронавирусот полека ги тера федерациите да размислуваат за поинаков модел за завршување на првенствата од оригиналните сценарија. Ракометните федерации на Норвешка и на Швајцарија први реагираа прекинувајќи ги своите шампионати и плејофи и прогласија шампиони според моментната ситуација на табелата. Така, шампион во Норвешка е Елверум, а во Швајцарија, Кадетен Шафхаузен.
Прваци се одредени и во кошарката, откако Литванија и Белгија ги прекинаа своите шампионати и ги прогласија прваците за сезонава. По 17 кола од регуларната сезона водечки тим во белгискиот кошаркарски шампионат е Остенде, кој беше прогласен за шампион. Литванците, пак, титулата му ја доделија на Жалгирис. Та.Д.