Организаторите на тенискиот гранслем-турнир „Вимблдон“ нема да го менуваат времето на одигрување на финалето во машка конкуренција, и покрај тоа што предвидениот термин е во судир со завршниот меч на Светското првенство (СП) во Русија, но ќе им дозволат на посетителите на Сеанглискиот клуб да го следат фудбалскиот натпревар преку нивните паметни телефони. Тениското финале е закажано за 15 часот, а фудбалското за 17 часот, в недела.
Згора, организаторот најави дека ќе го засили интернет-сигналот на Сеанглискиот клуб, за навивачите непречено да го следат финалето во Русија, за кое се очекува зголемен интерес, доколку Англија обезбеди пласман по вечерашниот полуфинален дуел на СП против Хрватска.
– Следењето на фудбал е во ред, се додека тие луѓе не влијаат врз уживањето на другите во тенисот, што не го прават, бидејќи треба да бидат тивки – истакна Ричард Луис, директорот на „Вимблдон“.
Осумкратниот шампион на „Вимблдон“, Роже Федерер, пак, повеќе е загрижен за проблемите што би можело да ги има финалето на фудбалскиот Мундијал, поради тенискиот дуел.
– Финалињата на „Вимблдон“ и на Светското првенство секако ќе се случат. Повеќе сум загрижен за проблемите што може да ги има фудбалското финале поради финалето на „Вимблдон“, бидејќи тенискиот меч веќе ќе биде во тек, па фудбалерите би можеле да слушаат како тамошната публика зборува за тенис – посочи Федерер.