Сергеј Карјакин

ШАХ – РЕМИ НА ДУЕЛОТ ПОМЕЃУ КОСМОСОТ И ЗЕМЈАТА

Точно половина век од првиот ваков вселенски дуел, на кој играа рускиот ВМ Карјакин, кој беше на Земјата, и космонаутите Иванин и Вагнер, кои беа во космосот, 420 км над Земјата, во Меѓународната вселенска станица

Рускиот шаховски велемајстор (ВМ) и поранешен финалист во мечот за титулата светски првак Сергеј Карјакин одигра шаховски натпревар против космонаутите Анатолиј Иванин и Иван Вагнер, во чест на 50-годишнината од првиот шаховски дуел помеѓу космосот и Земјата. Партијата, која беше интересна и на доста високо ниво, траеше 16 минути и заврши со реми во 21-от потег.

Настанот беше во организација на Московскиот музеј за космонаутика (за кој играше Карјакин), државната корпорација „Роскосмос“, Руската шаховска федерација и социјалната мрежа Вконтакте, а беше следен во живо од над 800.000 гледачи. Космонаутите беа на 420 км над Земјата на Меѓународната вселенска станица, која неодамна ги поздрави за добредојде астронаутите на НАСА, Боб Бенкен и Даг Харли, на нивните вселенско летало „Спејс X“.

Карјакин играше од студиото со стандардна табла и шаховски фигури, а космонаутите со помош на ајпод.
– Тоа беше најнеобичниот натпревар за мене, дури и повозбудлив од натпреварот за светскиот првак во Њујорк. Навистина сум изненаден колку се добро подготвени космонаутите. За мене беше чест да бидам втор шахист што учествуваше во толку интересен меѓупланетарен меч – ја пренесе интернет-страницата „Чес.ком“ изјавата на Карјакин.

Натпреварот беше организиран за точно да се совпадне со полувековната годишнина од првиот ваков меч, одигран на 9 јуни 1970 година. Тогаш космонаутите Андриан Николаев и Виталиј Севастијанов играа од вселенската станица „Сојуз 9“ против Виктор Горбакто и Николај Каманин, кои играа од Земјата. Таа партија траеше шест часа, при што потезите се испраќаа преку радиоврска.

Уште еден ваков натпревар космос-земја се одигра во 2008 година, организирана од НАСА и Шаховската федерација на САД. Притоа космонаутот Грег Шамитоф загуби од американски шаховски тим од основното училиште Стивенсон во Белви, Вашингтон.