Сите трки, освен две се во Европа, а поради коронавирусот нема да има натпревари во Северна Америка. Од ФИС објавија дека календарот со трки има цел да обезбеди безбедна средина за натпреварување и за да се ограничи интеракцијата колку што е можно повеќе голем број настани се одделени за да има само женски или машки трки, а каде што е можно се одвоени брзинските од техничките трки
Новата сезона на Светскиот куп (СК) во алпско скијање почнува в сабота со трките во австрискиот Зелден. Од 15 до 21 март во Ленцерхајд (Швајцарија) е предвиден крајот на сезоната, која нема да има трки во Северна Америка, откако натпреварите во Килингтон, Бивер Крик и во Лејк Луис се откажани поради пандемијата на коронавирусот.
Сезонава се предвидени 39 трки за мажи и 35 за жени, во 18 места, а спустот и супервелеслаломот за жени во Кина ќе бидат и тест-трки за Зимските олимписки игри во 2022 година во Пекинг, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Титулите од минатата сезона, прекината во март поради пандемијата на коронавирусот, ќе ги бранат Александар Килде од Норвешка во машка и Федерика Брињоне од Италија во женска конкуренција. Главна точка на сезоната е Светското првенство во Кортина д’Ампецо (Италија) од 8 до 21 февруари.
Од Интернационалната скијачка федерација (ФИС) објавија дека календарот со трки има цел да обезбеди безбедна средина за натпреварување и се заснова на барањата за намалување на бројот на членови, трошоците за тимовите, организаторите и за засегнатите страни.
За да се ограничи интеракцијата колку што е можно повеќе голем број настани се одделени за да има само женски или машки трки, а каде што е можно се одвоени брзинските (спуст и супервелеслалом) од техничките трки (слалом и велеслалом), пишува ФИС.