ТЕНИС

Пет различни тенисери го освоија гранслем-турнирот САД опен за мажи, а осум тенисерки во женска конкуренција, во текот на изминатата деценија. Вкупно 140-то издание на турнирот што се игра од 1881 година треба да почне в понеделник, во Њујорк.
Покрај Новак Ѓоковиќ (победи во 2011, 2015 и во 2018 година) и Рафаел Надал (2010, 2013, 2017, 2019), шампиони во оваа деценија се и Енди Мареј (2012), Марин Чилиќ (2014) и Стен Вавринка (2016). Меѓу жените трипати победи Серена Вилијамс (од 2012 до 2014 година), а по еднаш Ким Клајстерс (2010), Саманта Стосур (2011), Флавиа Панета (2015), Анжелик Кербер (2016), Слоан Стивенс (2017), Наоми Осака (2018) и Бјанка Андрееску (2019).

За вчерашната ждрепка Ѓоковиќ беше прв носител, пред Доминик Тим, Данил Медведев… Мареј на турнирот ќе игра со покана, т.н. вајлд-карта, а нема да настапат ланскиот победник Надал, Роже Федерер итн. Меѓу тенисерките, прва носителка е Каролина Плишкова, а следуваат Софија Кенин, С. Вилијамс… На турнирот, меѓу другите, нема да настапи минатогодишната победничка, Андрееску.
Наградниот фонд на турнирот, кој првпат ќе се игра без публика, како и првпат еден гранслем-турнир, поради пандемијата на коронавирусот, е 21,656 милиони долари.