Блиску до медал беа Неделковски (кати), Георгиева и Симовска (во борби), кои завршија на петтата позиција

КАРАТЕ – БАЛКАНИЈАДА ВО ПОРЕЧ

Македонскиот каратист во борби, член на клубот Олимпик спорт, Фахик Весели (категорија до 60 кг), освои бронзен медал на Балканското првенство (БП), кое викендов се одржа во хрватскиот град Пореч. До искачувањето на пиедесталот, Весели оствари четири победи, а претрпи еден пораз. Тој успеа да ги победи Хрватот Кристијан Лацковиќ (2-0), Србинот Милош Радојевиќ (3-1), а загуби од Словенецот Никлас Тамше (3-5). Во репасажот го совлада Адел Карахасановиќ (6-2) од БиХ, а во борбата за бронза, го совлада Црногорецот Матија Бојиќ (4-1). Јована Георгиева (до 55 кг) и Симона Симовска (над 68 кг), исто така, од Олимпик спорт во борбата за бронза ги загубија дуелите.
Блиску до медал беше и најдобриот македонски каташ, членот на КК Металург, Александар Неделковски, но во дуелот за бронзениот медал загуби за четири стотинки (25,2-25,6) од Хрватот Матија Релиќ. Тој претходно во втората група во првиот настап имаше највисока оцена (25,6), во вториот (25), што беше втора најдобра оцена, а во третиот настап (25,2), исто така, втора најдобра оцена. Каташката Мартина Арсовска, пак, беше 25-та.
На Балканијадата настапија 10 репрезентации со вкупно 884 натпреварувачи. Боите на Македонија ги бранеа Фахик Весели, Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг), Сара Радичевска (до 50 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), сите во борби, во кати Александар Неделковски и Мартина Арсовска, во екипниот машки тим беа Бајовски, А. Спасовски и Д. Спасовски, а во женскиот Алексовска, Арсовска и Гашева.