Брејкденс, односно неговата натпреварувачка форма брејкинг, доби статус на олимписки спорт и како таков, првпат ќе биде во програмата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Тој ќе им се придружи на останатите нови спортови – сурфање, скејтбординг и спортско качување на карпа, кои ќе дебитираат следната година на игрите во Токио, пренесуваат светските медиуми.
Организацискиот одбор за ЛОИ 2024, уште во февруари минатата година го предложил вклучувањето на брејкденс за првпат во својата олимписка програма, односно неговата натпреварувачка форма брејкинг. За разлика од брејкингот, паркур не беше вклучен во програмата на ЛОИ 2024.
– Ова е одлична вест и ќе му донесе поголемо признание на брејкингот како спорт. Ова истовремено ќе привлече повеќе млади да ја следат Олимпијадата, пред се оние кои не се љубители на традиционалните спортови – изјави британскиот брејкденсер Карам Синг.
Натпреварувачите во брејкингот не се оценуваат само за нивните технички вештини, туку и за креативност и стил, а при тоа како дел од критериумите се земаат предвид силата, брзината, ритамот и агилноста.
Брејкденс како дел од културата на афроамериканската и порториканската младина во САД се појавил во почетокот на 70-те години од минатиот век, по што за речиси една деценијата се проширил меѓу други заедници и се стекнал со голема популарност.