Целта на ова е да се соберат пари за оние тренери што се најмногу погодени од пандемијата на коронавирусот и од прекинот на професионалните обврски
Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) најави организирање приватни тениски часови за вљубениците во тенисот, а обуката ќе ја држат некои од најдобрите тренери во светот, од кои многумина се играчки легенди. Целта на ова е да се соберат пари за оние тренери што се најмногу погодени од пандемијата на коронавирусот и од прекинот на професионалните обврски.
Многу тренери не склучија договори со играчи и во моментов немаат приход сѐ додека тенисот не се врати на терените, а со тоа да почнат и вообичаените подготовки. Љубителите на тенисот помеѓу аматерите ќе имаат можност да бидат подучувани од познати тениски имиња, како што се Германецот Борис Бекер, Чехот Иван Лендл, Шпанецот Карлос Моја, Хрватот Горан Иванишевиќ, Словакот Мариан Вајда и многу други.
Часовите ќе се држат за време на мастерс-турнирите или гранслем-турнирите во текот на следната сезона, а планот е „бруцошот“ да добие и билет за некои од натпреварите во зоната резервирана за играчи и за нивните стручни штабови.