Во финалето таа ја совлада 19-годишната Маркета Вондурошова од Чешка, со 6-1 и 6-3
Австралијката Ешли Барти ја освои првата гранслем-титула во кариерата, на тенискиот турнир Ролан Гарос, победувајќи ја во финалето Маркета Вондурошова од Чешка, со 6-1 и 6-3. Барти е првата Австралијка по Маргарет Корт во 1973 година, што ја освојува титулата на Ролан Гарос каде што досега само двапати во петте настапи го минувала првото коло. Таа ќе се искачи на втората позиција на најновата ВТА ранг-листа, највисок пласман за тенисерка од Австралија по 1976 година со Ивон Гулагонг.
Барти (23), која во 2014 година, по гранслем-турнирот во Њујорк, си зеде одмор од тенисот (поради големите очекувања и притисокот) за да игра крикет, рече дека повторното враќање на овој спорт, по речиси двегодишна пауза, ѝ била најдобрата одлука што ја донела.
– Никогаш не ни сонував дека ќе бидам овде со трофејот. Во тоа време чувствував како тоа да е најдобрата одлука, но сега сум пресреќна што се вратив. Ми требаше време да се оддалечам, да живеам нормален живот, бидејќи тенискиот живот сигурно не е нормален. Никогаш не затворав никакви врати, велејќи „никогаш повеќе нема да играм тенис“ – изјави Барти, додавајќи дека тогаш сметала оти тенисот е спорт за осамени.
Триумфот на Барти на социјалните мрежи го поздравија голем број поранешни и сегашни славни австралиски тенисер(к)и, меѓу нив Род Лејвер и Саманта Штосур, шампионката од Њујорк 2011-та.
– Големи пофалби за неверојатната победа! Толку сум среќна и горда на вас! Секогаш знаев дека ќе го постигнете овој неверојатен успех! Имате неверојатен талент и решителност, трофејот го покажува тоа… – напиша Штосур на Инстаграм.
Вондрушова (19), пак, стана првата тинејџерка финалистка на Ролан Гарос по Србинката Ана Ивановиќ во 2007-та и прва на гранслем-турнир, по Каролине Вознијацки од Данска во 2009-та. Но не успеа да стане и првата тинејџерка победничка на гранслем, по Русинката Марија Шарапова, која триумфира во Њујорк 2006-та. Сепак, со настапот во финалето таа ќе искачи меѓу првите 20 на ВТА ранг-листата.
– Мислам дека со ова мојот живот ќе се промени. Многу луѓе ми испратија пораки, постојано бев на чешката телевизија, ми беше малку чудно, но уживав во тоа – изјави Вондрушова. Л.Д.