Рускиот велемајстор (ВМ) Кирил Алексенко (22) е осмиот учесник на Турнирот на кандидатите за 2020 година за предизвикувачи на светскиот првак Норвежанецот Магнус Карлсен. На турнирот во Екатеринбург (Русија) ќе играат осум шахисти, двокружно. Оваа одлука ја потврди Руската шаховска федерација (РШФ), која уште во ноември најави дека ако повеќемина ги исполнуваат условите за вајлд-карта, тогаш предност ќе има руски шахист, оти Русија е домаќин на овој турнир.
Алексенко е роден во Екатеринбург во 1997 година, ВМ е од 2015 година, а на Турнирот на кандидатите обезбеди пласман со третото место на турнирот во Швајцарија. Преостанатите претенденти за светската титула се Американецот Фабијано Каруана, Азербејџанецот Тимур Раџабов, Кинезите Динг Лирен и Хао Ванг, Русите Александар Гришчук и Јан Непомнијашчи и Холанѓанецот Аниш Гири.
Во Москва моментно се игра Светско првенство (СП) во забрзан (двапати по 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) и во брз шах (двапати по три минути, плус две секунди по секој потег) во машка и во женска конкуренција. Титулите во забрзан шах ги бранат Русинот Данил Дубов и Кинеската Ју Венјун, а во брз шах Карлсен и Русинката Катерина Лагно. Г.И.