Фото: ЕПА

Побавните терени водат до подолги размени, бидејќи играчите имаат повеќе време за да го вратат топчето

ТЕНИС

Условите беа тешки за тенисерите на гранслем-турнирот Вимблдон, но за некои не ги отежнуваат работите само високите температури туку и тревата на која играат. Неколкумина од оние што играа неделава рекоа дека топчињата отскокнуваат поинаку, а еден рече дека е како да се игра на земја, традиционално многу побавна подлога, пишува „Би-би-си“. Турнирот имаше жежок почеток, при што во понеделникот беше поставен рекорд за најтопол ден на отворање со 32,3 степени, а во вторникот и 33,4, иако дождот падна во средата наутро. Главниот менаџер на терените на Вимблдон, Нил Стабли, рече дека топлината придонела за побавните терени, но смета дека критиките за отскокнувањето на топчињата се неправедни, пишува „Би-би-си“.
– Една од работите што ги правиме во голема мера е конзистентноста. Една од работите што секогаш се обидуваме и секогаш ги правиме е да се осигуриме дека отскокнувањето и брзината на топчињата се многу конзистентни. Мислам дека веројатно ќе го видите топчето малку побавно и мислам дека причината за тоа е веројатно местото каде што листот од тревата се суши малку повеќе, топчето е задржано од листот малку повеќе. Вие и јас, можеби не го забележуваме тоа, но кога сте врвен спортист, ќе ги видите тие нијанси каде што топчето може да се чувствува како да доаѓа побавно и само дозволува десетина од секундата за играчот да може да се адаптира. Сѐ што гледаме, конзистентноста, мислам дека е добра – изјави Стабли за „Би-би-си“.
Актуелната шампионка Барбора Крејчикова ги искажа своите мисли за површината откако го доби дуелот со Александра Еала во вторникот.
– Нема доволно вода и станува навистина, навистина жолта, многу, многу брзо. Мислам дека со топлината тревата повеќе како да запира. Играта е едноставно поинаква од она на што обично сте навикнати – рече таа.
Канаѓанецот Денис Шаповалов, 27. носител на Вимблдон, загуби од Аргентинецот Маријано Навоне во првото коло.
– Ова веќе не е трева, теренот е побавен од земјен. Не е ни трева – рече тој, пренесе „Би-би-си“.
Двократната шампионка Петра Квитова рече дека работите се промениле со текот на годините.
– Не сум сигурна дали е само тревата. Можеби се и топчињата. Генерално, станува сѐ побавно – рече таа.
Поранешната светска тенисерка број еден, Ига Швјонтек, смета дека терените на Вимблдон се побавни и дека „топчето отскокнува различно“ на топлината, но очекува работите да се променат.

– Со промената на времето ќе мора да се приспособуваме секој ден на различните услови – рече таа.
Побавните терени водат до подолги размени, бидејќи играчите имаат повеќе време за да го вратат топчето. Поранешниот играч во двојки, Дом Инглот, за „Би-би-си“ изјави дека терените стануваат побавни од 2001 година. Пред тоа, играчите како претежно да играа сервис и волеј, наместо долгите размени од основната линија што почесто се гледа сега. Тој верува дека дел од промената се должи на желбата на Вимблдон да ги направи терените естетски попривлечни по годините кога изгледаа многу истрошени во втората недела, а сакаше и да им обезбеди подобар спектакл на гледачите, пишува „Би-би-си“.
– Идејата беше Вимблдон да се натпреварува со одличните акции што ги гледавте на Австралија опен, САД опен и на Ролан Гарос. Сервисот и волејот стануваа секојдневни, па сакаа повеќе акции и затоа имаше дискусија за тоа дали да се менуваат топчињата или теренот и мислам дека се одлучија за обете. Беше неверојатно да се помисли дека може да се погоди сервис што ќе отскокне како што ударот функционира на земјени или на тврди терени, тоа не беше замисливо пред 10 години, а сега ударот функционира – рече Инглот.
Од 2001 година тревата на Вимблдон е повеќегодишна ’ржана трева, за која се вели дека има издржливост и сила да го издржи абењето од модерната игра. Стабли рече дека овој вид трева обезбедил поголема конзистентност, додавајќи: „Играчите се уверени дека знаат каде ќе отскокне топчето. Во времето на сервисот и волејот, каде што играчите не сфаќаа што ќе се случи, тие не сакаа долги размени, бидејќи не беа сигурни каде ќе отскокне топчето“.
Официјалната интернет-страница на Вимблдон вели дека голем број фактори влијаат на брзината на теренот, меѓу кои се набивањето на почвата со текот на времето, како и времето пред и за време на настанот. Топлите и сувите денови треба да го направат топчето полесно и побрзо, а студените и влажните денови би го направиле да изгледа потешко и побавно. Почвата, се вели, во голема мера го одредува отскокот на топчето, а не тревата, пренесе „Би-би-си“. Нема промени во спецификациите на топчињата од 1995 година, кога имаше многу минимална промена во компресијата. Н.М.