ДЕНЕСКА СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ЗПОИ 2026

  • Расположението во нашиот табор е добро, здравствената состојба на нашите учесници исто така е добра, тековно ги вршиме сите потребни работи на дневна основа и полека се подготвуваме за отворањето на Игрите денеска во Верона, вели претседателот на Македонскиот параолимписки комитет, Бранимир Јовановски

Единствениот македонски учесник на Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и Кортина д`Ампецо (Италија), алпскиот скијач Зоран Јовановски, со своите тренери го одржа првиот тренинг на патеката во италијанскиот алпски скијачки центар Тофане.
– Сите тренинзи досега беа откажани од организаторите поради мекиот снег и неподготвените патеки. Тренерите и спортистите учесници на Игрите малку се загрижени поради топлото време и недостигот од нов снег, меѓутоа очекуваат организаторите добро да ја подготват патеката, особено кога ќе почнат натпреварите од утре. Расположението во нашиот табор е добро, здравствената состојба на нашите учесници исто така е добра, тековно ги вршиме сите потребни работи на дневна основа и полека се подготвуваме за отворањето на Игрите денеска во Верона – вели претседателот на Македонскиот параолимписки комитет (МПОК), Бранимир Јовановски.
Јовановски ќе настапи во слалом, класа седење ЛВ11, која на програмата е на последниот ден на ЗПОИ 2026, на15 март. Во согласност со пропозициите, секоја земја учесник може да биде дел од дефилето на отворањето на Игрите само со по еден спортист во машка и во женска конкуренција и две официјални лица, без оглед колкав број учесници има. Ако не учествуваат спортисти на отворањето, тогаш и официјалните лица на таа држава немаат право да бидат дел од дефилето.
– Бидејќи имаме само еден натпреварувач, на церемонијата на отворањето, во согласност со одлуката на стручниот тим, ќе учествуваат Зоран Јовановски и Вангел Тркаљанов. Во согласност со одлуката на Организацискиот комитет на Игрите, знамиња на земјите учесници ќе бидат носени исклучиво од волонтери. Учесниците на церемонијата на отворањето ќе заминат од Параолимпиското село во Кортина со организиран превоз до Верона, во 19.15 часот ќе почне поредувањето на тимовите за излегување на арената, а во 20 часот ќе почне програмата на свеченото отворање, која се очекува да трае приближно два часа – вели Бранимир Јовановски, кој е со нашата експедиција на ЗПОИ.

Талентот, иновацијата и решителноста се среќаваат на сцената на еден од најочекуваните настани во 2026 година, а Мишел Спекијале, познат како диџеј Мики Бионик (првиот диџеј во светот што настапува со напредна миоелектрична протеза, откако ја изгуби левата рака во сериозна несреќа на многу млада возраст), официјално ќе учествува на церемонијата на отворањето на ЗПОИ 2026, информира Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК). Настанот е претставен како средба помеѓу уметничкиот израз и симболичната вредност, во хармонија со темата „Живот во движење“, концепт што потсетува на јазикот на уметноста и нејзината способност да чита реалност во постојана трансформација, предлагајќи обновена визија за попреченоста како динамична хармонија помеѓу поединецот и околината, пишува ИПОК.
„Арена ди Верона“ станува сцена за историски момент. Првпат церемонијата на отворање на параолимписки игри ќе се одржи на место на светското наследство на УНЕСКО. Арената, веќе протагонист на спектакуларното затворање на Зимските олимписки игри (ЗОИ), повторно ќе биде трансформирана во голем театар на отворено за да ги пречека спортистите, делегациите и гледачите од целиот свет. Присуството на Мики Бионик на церемонијата на отворањето совршено го отелотворува духот на овие Игри, инклузија, отпорност, социјална иновација, а неговиот настап ќе биде дел од приказна што ги слави талентот без бариери и способноста на спортистите да ги променат границите на можното, пишува ИПОК. Г.И.