Настапија 55 училишта од 44 држави, а најмногу од Казахстан, пет
ШАХ
По осум возбудливи кола, екипното Светско првенство (СП) за училишта во 2025 година во Александрија, Вирџинија (САД), заврши со совршен триумф и златен медал на училиштето од Индија „Веламал МХС“, победувајќи во сите осум натпревари, во конкуренција на 52 училишта од 45 држави. Настанот собра некои од најталентираните млади шахисти од целиот свет. Се играше на четири табли.
Со оглед на тоа што Индија продолжува да се пробива на сите нивоа и формати на шах, оваа победа додава уште една титула во растечката колекција на земјата, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Училиштето „Веламал МХС“ не е непознато по успехот оти меѓу поранешните ученици се и велемајсторите (ВМ) Прагнананда Рамешбабу и Леон Мендонка. Затоа, не беше изненадување кога тимот влезе во завршницата со веќе обезбедено прво место.
Трката за второто место беше многу понеизвесна, со седум екипи што беа во конкуренција пред финалето. Националното училиште за физика и математика на Казахстан (кој настапи со дури пет училишта) го освои среброто, завршувајќи со ист број меч-поени како и училиштето „Харкер“ од САД (кои настапија со четири училишта), но победи во тај-брејковите. Веднаш зад него се најде „Астана 2 ЕСПМ“ (Казахстан), кое за малку го пропушти подиумот.
Покрај тимските почести, медали им беа доделени на играчите што прикажаа извонредни индивидуални перформанси. Тројца имаа совршени резултати (осум поени од осум кола), што е извонредно достигнување. Тоа се Имангали Ахилбај (Казахстан, Национално училиште за физика и математика) на втората табла, Едиса Бердибаева (Казахстан, Училиште – гимназија бр. 11, Каракол) на третата табла и Пранав К. П. (Индија, Училиште за физика и математика „Веламал)“, која играше како резерва на петтата табла. Г.И.