Георгиевски со тренерот Костовски

На годинашниов турнир учествуваа околу 900 натпреварувачи од над 40 држави од целиот свет, а се одржа во СЦ „Јане Сандански“

ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „СКОПЈЕ ОПЕН 2025“

Олимпиецот Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг) се закити со златен медал во сениорска конкуренција на таеквондо-турнирот од серијата Г1 „Скопје опен 2025“, а тоа го остварија и Андреј Василевски и Христијан Симоновски кај јуниорите. Георгиевски во полуфиналето со 2-0 го победи македонскиот претставник Горјан Бадаровски, а во финалето славеше над Германецот Керим Куџуеџунхур, исто така со 2-0, откако ривалот ја предаде борбата во втората рунда. На Бадаровски му припадна бронзениот медал.
Василевски (до 59 кг) од ТК Бутел во првата борба беше подобар од Кристијан Петров од Бугарија, во втората од Елбоген Итај од Израел, во полуфиналето од Филип Каревски од Македонија, а во финалето славеше над Виктор Сетвиќ од Шведска. Симоновски (до 63 кг) од ТК Младост, пак, во првата борба го совлада Емир Хониќ од БиХ, во полуфиналето Јордан Ангелов, а во финалето Станислав Митков, двајцата од Бугарија. Бронза освои Антонио Негријовски (до 45 кг) од клубот Феникс кик.
Кај кадетите сребро освоија Марко Митевски од ТК Тигри и Мартина Наумовска (до 55 кг), од клубот Феникс кик. Прв медал, бронзен, освои јуниорката Душица Бреслиева (до 55 кг) од ТК Штип, која се натпреварува и во карате (таа на ЕП 2025 во карате за кадети и за јуниори во Полска освои бронза).
Олимпијката Милијана Рељиќ (до 62 кг), која во претходните две години го освојуваше златото, не беше блиску до медал. Во првото коло ја победи Марија Познановиќ од Србија со 2-0 во рунди, а во борбата за медал загуби со 4-5 и 4-4 по рунди од Германката Лаура Гебел.
– Морам да кажам дека одевме на медал и бев сигурен дека ќе освоиме, но истоштеноста од симнувањето на килограмите еден ден претходно си го направи своето. Мал дефокус нѐ чинеше победа, оти во втората рунда Милијана водеше со 4-0, но на 10 секунди пред крајот противничката успеа да освои четири поени и поради подобар вкупен резултат да победи – ни изјави тренерот на Рељиќ и на ТК Тигри, Александар Ефтимов.
На годинашниов турнир учествуваа околу 900 натпреварувачи од над 40 држави од целиот свет, а се одржа во СЦ „Јане Сандански“. Г.И.