Фото: Маја Јаневска-Илиева

АТЛЕТИКА – ПЕТТИ ДЕН НА СП 2025

И петтиот ден на Светското првенство во атлетика што се одржува во Токио (Јапонија) донесе многу возбудувања и рекорди. Кениската атлетичарка Фејт Черотич го освои златото во трката на 3.000 метри со пречки со време на нов рекорд на мундијалите, од осум минути, 51 секунда и 59 стотинки. Со злато се закити и Италијанецот Матија Фурлани (20) во скок во далечина (прескокна 8,39 метри во петтата серија) и стана најмладиот светски првак во таа дисциплина, пишува Светската атлетика (СА).

Португалецот Исак Надер во возбудлив финиш го освои најсјајниот медал во трката на 1.500 метри, поминувајќи ја патеката за 3:34.10 минути. Американката Кејти Мун го освои златото во скок со стап. Таа прескокна 4,9 метри и тоа за Мун е трета светска титула во низа во таа дисциплина.

Не сметајќи го вчерашниот ден во целост, најмногу медали освои репрезентацијата на САД (седум злата, едно сребро и две бронзи), потоа се Кенија (четири злата, едно сребро и две бронзи) и Канада (три злата), а вкупно 35 држави имаат освоено најмалку по еден медал. Г.И.